Фудбалерот на Хатајспор, Кристијан Атсу се уште не е пронајден по земјотресите што ги погодија Турција и Сирија. Роднините и пријателите на поранешниот фудбалер на Челзи и Њукасл се уште веруваат дека Кристијан е жив, иако поминаа 11 дена од земјотресот.
Братот на Кристијан, Исак Твасам дојде во градот по земјотресот, менаџерот на фудбалерот Нана Сегере, пријателите и службениците од конзулатот на Гана чекаат покрај урнатините со надеж дека ќе слушнат добри вести.
Секој ден рано наутро доаѓаат на местото, ги следат случувањата и се молат за Атсу.
“Тука сме со денови, веруваме дека Атсу е жив. Се уште се надеваме и се обидуваме да го најдеме. Извлекуваат премногу тела, се молиме да не е меѓу нив”, вели менаџерот на играчот.
“Сакаме неговата фотографија да биде испратена во болници. Можеби излегол од урнатините по земјотресот, но моментално е во кома. Можеби луѓето не го познавале Атсу. Секој што ќе го види нека контактира со нас или АФАД. Сакаме да го најдеме“, додава Сегере.
Надежта не ја крие ниту братот на Атсу.
“Жив е, да не губиме надеж. Нема да заминам додека не го најдам. Верувам дека ќе го најдеме жив”, вели Твасам.