Неколку поранешни европски лидери се повлекоа денеска од одборите на директори на руски компании по руската инвазија на Украина.
Еско Ахо, кој беше премиер на Финска од 1991 до 1995 година, поднесе оставка од управниот одбор на Сбербанк, најголемата руска банка.
„Работата по нападот стана невозможна за мене“, изјави тој за финскиот дневен весник „Илта-Саномат“.
„Во текот на изминатите недели, целосно ја изгубив вербата во мојата способност да ја разберам логиката на она што Русија го прави во моментот“, изјави тој за друг весник, Хелсингин саномат.
Матео Ренци, кој го предводеше италијанскиот кабинет од 2014 до 2016 година, беше во управниот одбор на Delimobil, една од најголемите фирми за car-sharring во Русија, основана од италијански претприемач.
„Тој поднесе оставка утрово“, изјави портпаролот на Ренци.
Кристијан Керн, кој ја предводеше австриската влада од 2016 до 2017 година, изјави дека се повлекува од надзорниот одбор на руските државни железници, додавајќи дека најновите случувања во Украина го направиле тоа неизбежно.
Керн е само еден од неколкуте поранешни канцелари и поранешни министри со финансиски интереси во руски компании.
Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, кој беше на власт од 1998 до 2005 година, сепак не се повлече веднаш од функцијата претседател на одборот на директори на рускиот државен нафтен гигант Роснефт. Шредер денеска ја критикуваше руската инвазија како неоправдана, но повика на продолжување на дијалогот со Москва.
Веднаш немаше оставка ниту од Франсоа Фијон, францускиот премиер од 2007 до 2012 година, кој се приклучи на бордот на рускиот петрохемиски гигант Сибур во декември.
Извор: МИА