Спасувачките работници во Кахраманмараш велат дека можат да ги „помирисаат труповите“ додека копаат низ купишта урнатини во центарот на градот, кој е целосно уништен. „Се надеваме дека некои луѓе се уште се живи“, рече Зафер Јилдиз, волонтер, гестикулирајќи кон купот бетон, искривен метал и мебел. „Повеќето од луѓето што ги најдовме под урнатините беа мртви“, рече тој.
Мехмет Боскерт под урнатините ги бара братот и снаата. „Откако успеав да се ископам од урнатините кога мојата куќа се урна, дојдов овде да се обидам да ги најдам“, рече тој. „Можам само да се надевам, но се чини дека е предоцна. Екипите на итната помош пристигнаа предоцна, а овие копачи ги донесоа дури денеска. Се надевам дека ќе можам да направам нешто“.
Илан Келман, професор на Универзитетот во Лондон, вели дека по 72 часа шансите за преживување под урнатините се намалуваат. „Генерално, земјотресите не убиваат луѓе, уривањето на инфраструктурата убива луѓе“, рече Келман. Подрачјата погодени од земјотресот беа зафатени со многу ниски температури, дожд и снег.
„Ова за жал значи дека е можна хипотермија, а луѓето веројатно умираат за жал поради временските услови“, рече Келман. На оние кои успеваат да го преживеат студот и повредите им треба храна и вода. Без вода, многу луѓе „ќе почнат да умираат по три, четири, пет дена“, рече Келман.