Во седиштето на ОН во Њујорк денеска почнуваат преговорите за постигнување договор за забрана на нуклеарното оружје, на кои учествуваат претставници на над сто држави.
Иницијаторите на овие преговори, кои се без преседан во досегашната историја, велат дека тие имаат за цел да се усвои правно обврзувачки документ, со што ќе се намали ризикот од нуклеарна војна меѓу големите сили.
Одлуката за отпочнување на овие преговори беше донесена во октомври минатата година со поддршка од 123 земји членки на ОН. Меѓутоа зад оваа иницијатива не застанаа нуклеарните сили, па така САД, Франција, Израел, Велика Британија и Русија гласаа „против“, а Кина, Индија и Пакистан се воздржаа од гласање.
Дури и Јапонија, која е единствената земја во светот кој преживеа нуклеарен напад, гласаше против иницијативата, со образложение дека не постои консензус за таков договор и дека прегоовирте само „ќе го саботираат напредокот во нуклеарното разоружување“.
Како главни поддржувачи и иницијатори на преговорите се јавија Австрија, Ирска, Бразил, Јужна Афика, Мексико и Шведска, кои беа поддржани од голем број невладини организации.
Во услови на зголемени тензии поради зачестените нуклеарни тестови на Северна Кореја, предлагачите на прегооврите биле поттиканати од успехот на иницијаторите за донесување на конвенциите за забрана на касетните бомби, од 2008 година, и на противпешадиските мини, од 1997 година.
– Да не бидеме наивни. За ова ќе биде потребно многу време. Сепак ова е многу важно, посебно во услови кога сме сведоци на секаква реторика и демонстрација на сила, вклучително и на закани за употреба на нуклеарно оружје, изјави минатата недела во Њујорк шведската министерка за надворешни работи Маргот Валстром.
Според неа, ваквата иницијатива е израз на „чувството на фрустрација“ поради немоќта да се справиме со заканите од нуклеарното оружје.
– Многу земји велат дека треба да излеземе од ќорсокакот во врска со ова прашање, во кој се наоѓаме со години, додаде Валстром.