Американскиот претседател Доналд Трамп, кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин ја започнаа трилатералната средба во кинескиот град Шенжен, на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК). Средбата на тројцата светски лидери привлече толкаво внимание што го засени и самиот самит, објави „Скај њуз“ (Sky News).
Според претходните најави, една од главните теми на разговорите ќе биде ограничувањето на ширењето на нуклеарното оружје. Трамп, по одделните средби со Си Џинпинг и Путин, навести дека лидерите би можеле да разговараат и за војната во Украина, конфликтот со Иран, како и за повторното воспоставување на протокот на енергенси низ Ормускиот Теснец.
Средбата предизвикува внимание и поради можните пошироки геополитички последици. Критичарите стравуваат дека ваквиот формат би можел да означи враќање на дипломатијата на големите сили, каква што беше карактеристична за периодот по завршувањето на Втората светска војна.
Тогаш најмоќните држави носеа одлуки што директно влијаеја врз судбината на помалите земји, чии интереси и позиции често остануваа во втор план.
