Во Будимпешта денеска почна реализацијата на Програмата на Европската комисија и Советот на Европа за интеграција на Ромите.
Програмата наречена „Ромакт“ е во вредност од 700 илјади евра. Со неа ќе им се овозможи на претставници на ромското малцинство во пет европски држави да добијат живеалишта, можност за образование, здравствена заштита и работа.
– Интеграцијата за Ромите не е само проблем кој треба да се реши, туку и можност за економски и социјален развој – изјави еврокомесарот за вработување, социјални прашања и интеграција Ласло Андор во официјалното обраќање на стартот на програмата во Будимпешта.
Програмата е финансирана од Советот на Европа, ЕК и од фондацијата „Отворено општество“ на американскиот филантроп со унгарско потекло Џорџ Сорос.
Нејзината цел е „да ја спречи трагедијата“, која може да се случи поради одвојувањето на Ромите од останатиот дел на општеството.
Програмата трае една година и истовремено ќе биде имплементирана во Унгарија, Бугарија, Романија, Италија и Словачка.
Во Европа живеат меѓу десет и 12 милиони Роми, со што се најбројно мацилство на континентот.