Основачот на „Мајкрософт“ и филантроп, Бил Гејтс, потврди дека неговиот татко, Бил Гејтс постариот, кој долго време боледуваше од Алцхајмерова болест, починал на 95-годишна возраст.
„Мојот татко почина мирно во својот дом, опкружен со семејството,“ објави Бил Гејтс, додавајќи дека неговата мудрост, дарежливост, емпатија и скромност имале големо влијание на луѓето ширум светот.
Гејтс рече дека правните совети на неговиот татко биле клучни за тој заедно со Пол Ален го основа „Мајкрософт“, но и дека татко му имал и големо влијание врз Хауард Шулц, основачот на „Старбакс“, при неговата одлука да ја отвори компанијата.
Гејтс постариот служел војска за време на Втората светска војна, а во 1964 година бил еден од основачите на адвокатската канцеларија „Ѓидлер и Кинг,“ која денес е позната како „Престон, Гејтс и Елис“.