Норвешкиот крал Харалд V почина на 89-годишна возраст, откако минатата недела беше примен во болница поради лекување на ретка болест на крвта, објави Би-би-си.
Кралската палата во Осло соопшти дека кралот починал мирно во петокот во 6:35 часот во Националната болница. Во последните 24 часа го посетувале членови на неговото семејство, додека граѓаните пред палатата оставаа цвеќе.
Харалд беше првиот норвешки монарх роден во својата татковина по 14 век. На престолот ќе го наследи неговиот син, престолонаследникот Хокон.
По 35 години на престолот, Харалд ќе остане запаметен како популарен реформатор кој ја модернизираше монархијата. Тој се ожени со жена која не била од благородничко семејство, со што ја прекина традицијата, а во периоди на национални кризи беше фигура што ги обединуваше граѓаните.
Аналитичарите го опишуваат како приземен, почитуван и сакан владетел, „дедо на нацијата“ и „народен крал“ – титула која ја носеше и неговиот татко, кралот Олав V.
По терористичките напади во Осло и на островот Утоја во 2011 година, Харалд ги повика Норвежаните да бидат обединети и порача дека стравот не смее да надвладее.
Последните години од животот на Харалд и неговото семејство беа проследени со здравствени проблеми и скандали. Меѓу нив беа и врските на неговата снаа Мете-Марит со покојниот сексуален престапник Џефри Епстин, како и пресудата за силување на нејзиниот син Мариус Борг Хејби.
Историчарот и дописник на ТВ2, Оле-Јорген Шулсруд-Хансен, за Би-би-си изјави дека за време на владеењето на Харалд, норвешката монархија станала порамноправна и потранспарентна во однос на финансиите и здравствената состојба.
Тове Талесен, дописничка на „Нетависен“, го опиша кралот како „еден од нас“, додека експертката за кралското семејство од списанието „Се ог Хор“, Каролин Вагле, изјави дека тој „секогаш бил многу близок со народот“.
Кога норвешката фудбалска репрезентација се врати од САД, откако за првпат стигна до четвртфиналето на Светското првенство, Харалд лично ги прими фудбалерите во палатата.
Зад себе ги остави сопругата, кралицата Соња, со која беше во брак речиси 58 години, ќерката, принцезата Марта Луиз, синот и новиот крал Хокон, како и шест внуци.
Харалд е роден на 21 февруари 1937 година на имотот Скаугум во близина на Осло. Имал три години кога, по наредба на Хитлер, започнала инвазијата на Норвешка во Втората светска војна.
Неговата мајка со децата побегнала преку границата во Шведска, а потоа, на покана на американскиот претседател Френклин Д. Рузвелт, отпатувале во САД.
Принцот Харалд со семејството се вратил во Норвешка по завршувањето на војната, каде што го продолжил образованието и ја отслужил задолжителната воена служба.
Престолонаследник станал во 1957 година. Од 1960 до 1962 година студирал општествени науки, историја и економија на колеџот Балиол во Оксфорд.
Со Соња Харалдсен, ќерка на претприемач, се запознал на една забава, но девет години чекал дозвола од својот татко за да се ожени со неа.
Кралот Олав се надевал дека неговиот син ќе се ожени со европска принцеза. Харалд му рекол на татко му дека ќе остане ерген доколку не му биде дозволено да се ожени со Соња. Тоа подоцна го потврдил и за норвешката национална телевизија.
Татко му на крајот попуштил, па парот се венчал во катедралата во Осло на 29 август 1968 година.
Изборот на Харалд подоцна им овозможил и на неговите деца да стапат во брак со лица без благороднички титули.
Според Каролин Вагле, тоа „помогнало да се стави крај на доминацијата на мажите во кралското семејство“.
„Никогаш не се плашеше да покаже емоции, хумор или ранливост, а тоа го правеше многу човечен“, додаде Вагле.
Харалд стана регент во 1990 година, кога неговиот татко се разболе, а на престолот стапи по смртта на Олав на 17 јануари 1991 година.
Историчарот Тронд Норен Исаксен смета дека кралот целосно се профилирал околу 2000 година, кога од воздржана и срамежлива личност се претворил во човек исполнет со емпатија и отвореност.
Во јули 2011 година Харалд се соочи со огромен предизвик. Неонацистот Андерс Брејвик со бомба уби осум лица во Осло, а потоа на островот Утоја уби уште 69 луѓе, главно тинејџери.
Кралот уште следниот ден ѝ се обрати на нацијата. Неколку недели подоцна одржа говор во кој изрази сочувство до жртвите и нивните семејства како татко, дедо, сопруг и крал. Додека зборуваше, гласот му трепереше и беше на работ на солзи.
„Можам само да ја замислам длабочината на вашата болка. Како крал на оваа нација, сочувствувам со секој од вас“, порача тој.
Историчарот Шулсруд-Хансен смета дека тој момент останал длабоко врежан во колективното сеќавање како пример за тоа што треба да претставува монархијата.
Во 2016 година Харалд повторно го привлече вниманието на јавноста со моќен говор за верската, етничката и сексуалната разновидност.
Тој рече дека Норвежаните потекнуваат „од Авганистан, Пакистан и Полска, од Шведска, Сомалија и Сирија“, дека „веруваат во Бог, Алах, Универзумот или во ништо“ и дека меѓу нив има „девојки кои сакаат девојки, момчиња кои сакаат момчиња, како и девојки и момчиња кои се сакаат меѓусебно“.
Спортист и заштитник на природата
Кралот бил посветен спортист и еколог. Бил еден од основачите на норвешкиот огранок на Светската организација за заштита на природата (WWF), со кој претседавал 20 години.
Како успешен едриличар, трипати ја претставувал Норвешка на Олимписките игри, а натпреварувачката кариера ја завршил во 2022 година.
Кога принцот Хокон се оженил со Мете-Марит во 2001 година, кралот и кралицата го прифатиле нејзиниот четиригодишен син од претходната врска.
Мариус Борг Хејби бил третиран како член на семејството, иако дворот подоцна нагласил дека тој никогаш немал кралски статус.
Ќерката на кралот, принцезата Марта Луиз, прво се омажила за норвешки писател, а во 2024 година и за Американец кој се декларира како шаман, што предизвика контроверзии. Поради нивните деловни активности таа на крајот се повлече од кралските должности.
Иако некои сметаа дека Харалд бил премногу попустлив кон одлуките на членовите на своето семејство, Вагле смета дека со тоа покажал дека разговорот и разбирањето му се поважни од строгите наредби.
Поради нарушеното здравје, кралот во април 2024 година трајно го намалил бројот на јавни обврски.
Се лекувал со кортикостероиди поради ретка хемолитичка анемија, заболување кое предизвикува намалување на бројот на црвените крвни клетки.
Во болница бил примен на 17 август, по што неговиот син ја презел улогата на регент.
Само оваа година кралското семејство се соочи со низа кризи. Судскиот процес против Мариус Борг Хејби за силување со месеци беше во центарот на вниманието. Во јуни тој беше осуден на четири години затвор, на што поднесе жалба.
Хејби го посетил кралот Харалд непосредно пред неговата смрт.
Неколку дена пред почетокот на судењето беа објавени документи кои ги открија контактите на неговата мајка Мете-Марит со Џефри Епстин. Таа подоцна им се извини на кралот и кралицата поради тригодишното познанство со Епстин, признавајќи дека направила „лоша проценка“ и изјавувајќи дека жали што го запознала.
Два дена по завршувањето на судењето на нејзиниот син, Мете-Марит била подложена на трансплантација на белите дробови поради белодробна фиброза, која ѝ била дијагностицирана пред осум години.
Лекарите проценуваат дека нејзината состојба нема да биде стабилна уште една година, што ќе претставува дополнителен предизвик за новиот крал Хокон.
Кризите се одразија и врз популарноста на монархијата. Анкета за весникот „Афтенпостен“ покажала дека поддршката паднала од 72 на 54 отсто.
Други истражувања покажуваат дека речиси половина од Норвежаните сметаат дека Мете-Марит не треба да стане кралица, иако се очекува Хокон да инсистира на тоа.
И покрај падот на поддршката за институцијата, Каролин Вагле истакнува дека критиките ретко биле насочени лично кон Харалд, бидејќи „сите го сакаа“.
Историчарот Тронд Норен Исаксен забележал: „Кога работите ќе тргнат наопаку, луѓето ги обвинуваат сите освен кралот“.
Пред Хокон сега е прашањето како ќе се справи со проблемите во семејството. Тове Талесен смета дека тој веќе покажал лидерски способности и добро се справил со неодамнешните кризи.
Стратегијата на семејството беше дистанцирање од судскиот процес против Мариус Борг Хејби, што главно успеа.
Иако остануваат отворени прашањата поврзани со документите за Епстин, се очекува Норвежаните сега да се фокусираат на сеќавањето на кралот Харалд и на поддршката за неговиот наследник.
