Почина Билјана Плавшиќ

Од:

Поранешната претседателка на Република Српска, Билјана Плавшиќ, осудена пред Хашкиот трибунал за воени злосторства извршени за време на војната во Босна и Херцеговина, почина утрово во Белград на 96-годишна возраст.

Плавшиќ беше една од клучните политички фигури на српското раководство во БиХ во првата половина на 1990-тите и единствената жена осудена за воени злосторства пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг.

Пред политичкиот ангажман, таа беше универзитетска професорка по биологија во Сараево. Во политиката влезе во пресрет на распадот на Југославија како членка на Српската демократска партија (СДС). Заедно со Радован Караџиќ и Момчило Крајишник стана една од водечките фигури на босанските Срби и потпретседателка на самопрогласената Република Српска.

По потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор и повлекувањето на Радован Караџиќ под меѓународен притисок, Плавшиќ во 1996 година ја презеде функцијата претседателка на Република Српска.

Тогаш влезе во отворен конфликт со тврдата струја околу Караџиќ на Пале, политичкото седиште го премести во Бања Лука, а со меѓународна поддршка го основаше Српскиот народен сојуз. Во тој период соработуваше и со поумерени политички опции, меѓу кои и Милорад Додик, кого го предложи за премиер.

Хашкиот трибунал во 2000 година подигна обвинение против неа за геноцид, злосторства против човештвото и кршење на законите и обичаите на војувањето. Плавшиќ доброволно се предаде на судот во јануари 2001 година.

Во октомври 2002 година таа постигна спогодба со обвинителството и ја призна вината за прогон на политичка, расна и верска основа како злосторство против човештвото. За возврат, обвинителството ги отфрли преостанатите точки од обвинението, меѓу кои и обвинението за геноцид.

Пред судскиот совет изрази каење и наведе дека ја прифаќа целосната одговорност за страдањата на несрпското население предизвикани од раководството на кое му припаѓала.

Во февруари 2003 година беше осудена на 11 години затвор. Казната ја издржуваше во женскиот затвор Хинсеберг во Шведска, а во октомври 2009 година беше предвреме ослободена откако отслужи две третини од казната, согласно шведските прописи.

По излегувањето од затвор се повлече во Белград. Во подоцнежните јавни настапи и мемоари го релативизираше признанието на вината од Хаг, тврдејќи дека го дала од прагматични причини и како дел од договорот со обвинителството.

Би можело да ве интересира

Почина четиригодишниот син на пејачот Марјан Стојаноски

Почина Тонкица Митровска, пионер на македонскиот анимиран филм

Се истражува како почина брачен пар од Кина во стан во Скопје

Горан Наумовски

Почина Раиф Диздаревиќ

Почина норвешкиот крал Харалд

Почина хрватската писателка и колумнистка Ведрана Рудан