По падот на калифатот, ИД ќе се сврти кон терористички акции во светот

Од:

ФЕНА – Сараево

Како што се стегнува обрачот околу последното упориште на џихадистите во Ирак, сириската војска ја обвини коалицијата предводена од САД дека планира на борците на т.н. Исламска држава да им овозможи бегство од ирачкиот град Мосул преку сириската граница, порачувајќи дека со сите средства ќе се спротивстави на тој обид, јавуваат агенциите.

„Секој обид на премин на границата претставува напад на сувереноста на Сирија (…) и ќе биде спречен со сите расположливи сили” – соопшти сириската војска, а пренесе Хина.

Во врска со тоа се огласи и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров кој рече дека Москва ќе преземе воени мерки ако борците на ИД поминат од Мосул во Сирија. Тој рече дека Русија ја следи офанзивата на ирачките сили со воена поддршка од САД, додавајќи дека градот е опколен, но не целосно и дека не знае зошто.

„И понатаму ќе ја следиме состојбата и ќе донесеме и политички и воени одлуки ако во Сирија, каде се присутни и наши воени единици на барање на легитимната влада, се појават дополнителни контингенти на Исламската држава” – рече Лавров.

Тој оцени дека операцијата на ирачките и курдските сили со поддршка на шиитските и сунитските вооружени групи нема да биде лесна и дека за регионот ќе биде важно чии сили ќе го заземат Мосул. Во Ирак се присутни и околу 5.000 американски воени советници за кои Лавров тврди дека се војници и дека „во секој случај, 5.000 наводни советници претставуваат голема сила”.

Во Ирак има и турски сили, а премиерот Бинали Јилдрим потврди дека турските воени авиони се придружија на операцијата за заземање на Мосул, давајќи воена поддршка на ирачките сили и на курдските пешмерги.

Турција инсистира на учество во операцијата за заземање на Мосул, иако е во вербална војна со Багдад поради присуство на теротиријата на северен Ирак. Анкара пак изразува загриженост поради ангажманот на шиитската полиција во оваа офанзива и курдските милитанти спротивставени на Анкара.

И додека се очекува расплет на офанзивата на Мосул, Меѓународната организација за миграции ИОМ, предупредува дека борците на ИД се обидуваат да се справат со падот на своето последно упориште во Ирак и можат 10.000 жители на овој град да ги употребат како жив штит.

„Десетици илјади луѓе би можеле насилно да бидат протерани од градот, а потоа да бидат фатени во стапица бидејќи ќе се најдат меѓу два огна и можат да послужат како човечки штит” – предупреди директорот на ИОМ Томас Веис. Тој се плаши дека случајот со Мосул ги има сите претпоставки да стане „најголема и најсложена хуманитарна операција во светот во 2017 година”.

Меѓународната комисија на Црвениот крст (ICRC) исто така е загрижена дека ИД може да употреби хемиско оружје, што дополнително би ги загрозило најранливите групи: децата, жените, постарите и инвалидите. ICRC ги повика сите страни, вклучувајќи ја и ИС, на фронтот да искажат хуманост и да ги поштедат цивилите. Ирачката влада, коалициските сили и курдските борци дополнително се предупредени и на почитување на меѓународното хуманитарно право, но дијалог и со ИС за „основните права на војување” се уште не е воспоставен.

ОН очекува масовен егзодус на луѓето од Мосул, над милион од нив, од кои на 700.000 ќе им треба итна помош. Во Ирак се распоредени околу 900 активисти на ICRC кои со месеци се подготвуваат за одговор на таа криза. Во првата фаза ICRC ќе може да обезбеди храна, вода и сместување за околу 270.000 луѓе кои бегаат од Мосул. Во подрачјата околу тој град воспоставени се 13 медицински центри за помош на луѓето во случај на хемиски напад. Според најновите информации, над 100 семејства бегаат од јужните и источните предградија кои најмногу се изложени на офанзивата кон централните делови на градот, наведувајќи дека борците на ИД веќе ги користат цивилите како жив штит пред напредувањето на ирачките и курдските сили кои ги освоиле околните села во долго подготвуваната офанзива.

„Јасно е дека Даеш, што е арапски акроним за ИД, почнал да ги користи цивилите како човечки штит и семејствата кои остануваат во зградите ќе бидат на удар на воздушните напади” – рече Абу Махир кој живее близу градскиот универзитет.

Борците на групата која ја предводи Абу Бакр ал-Багдади најавуваат голем отпор, а новинската агенција Амаг, поврзана со ИД, неодамна објави видео порака од сунитските џихадисти во која порачуваат дека „ќе ја поразат Америка”.

„А што се однесува до тебе Америко, ветуваме (…) Америка ќе биде поразена во Ирак и да даде Господ уште еднаш да си замине понижена, јадна и со подвиена опашка” – рече во видео пораката маскиран џихадистички борец.

На одговор не се чекаше долго. „Мосул ќе биде тешка битка. Ќе има победи и порази” – рече американскиот претседател Барак Обама, кој најави дека Исламската држава ќе биде поразена.

Исчекувајќи го расплетот на настаните, Европа се плаши од враќањето на дополнително радикализираните исламистички борци по падот на Мосул. И додека се стега обрачот околу тој град на северот на Ирак, престолнина на „калифатот” прогласен пред две години, експертите ја предупредуваат Европа да се подготви за враќање на суровите, тврдокорни и прекалени џихадистички војници подготвени за нови напади.

„Заземањето на Мосул, упориште на ИД, може да вроди со враќање на уште понасилните исламистички борци” – оцени европскиот комесар за безбедност Јулијан Кинг, потсетувајќи дека во зоните на судирите се наоѓаат околу 2.500 џихадисти кои се државјани на западноевропските земји.

Меѓутоа, не се очекува масовно прелевање на борците на ИД во Европа.

Рафаело Пантучи, директор на Меѓународната студија за безбедност, смета дека борците кои останале без „татковината” се исклучително опасни по Западот.

„Обезглавени и без никакво чувство за револуционерна цел, ќе претставуваат закана и предизвик за безбедносните агенции во целиот свет и долги години потоа” – напиша Пантучи за Дејли Телеграф, а пренесе Хина.

Крис Филипс, експерт за противтероризам во Иппсо верува дека ИД, по губењето на калифатот, влегува во нова фаза во која ќе се сврти „кон герилско војување и терористички акции”. Смета дека освен Западот, од терористички напади нема да биде поштедена ни северна Америка ни југоисточна Азија, а заканата може да се прошири и на Русија.

Посебна загриженост поради можно враќање на џихадистите владее во Франција, која беше погодена од низа напади од членови на радикалниот ислам. Само во нападот на 13 ноември во 2015 година, во Париз во крвав пир на исламистите беа убиени 130 Парижани и домашни и странски туристи. Во сите тие напади, цели на исламистите беа и Евреите, што дополнително ја отежнува состојбата во Франција, која брои најголем број на муслимани и Евреи во Европа.

Според пишувањето на британскиот весник Индепендент, француските Евреи поради зголемениот антисемитизам и бројот на нападите инспирирани од идеологијата на ИД, ја напуштаат Франција. Лани Франција ја напуштиле над 8.000 Евреи, барајќи безбедност во Израел. Тоа е најголема стапка на иселување во однос на било која друга европска држава, но во согласност со трендот на кој сведочиме во последните неколку години во Франција. Индепендент истакнува дека се работи за најмасовна преселба на Евреите од основањето на Израел во 1948 година.

Поради можно враќање на џихадисти ниту Германија не спие мирно. Таа земја прими околу 900.000 азиланти, муслимани, а Германците се повеќе се негативни кон мигрантите, посебно по нападот кој во јули во име на ИД го извршија бегалците.

Шефот на германската внатрешна разузнавачка агенција BfV Ханс-Георг Масен предупредува на уште еден проблем: радикализација на штотуку пристигнатите мигранти. Според неговите зборови, веќе се откриени 340 исламисти кои под сенка на хуманитарни работници се инфилтрирале во редовите на мигрантите во азилантските центри и се верува дека нивниот број е многу поголем.

Што и да ни подготвува иднината, европскиот комесар за безбедност тврди дека сега е „клучно” европските земји да ја зајакнат безбедноста на своите граници.

„Денес на границите на ЕУ премногу лесно се поминуваат имиграциските контроли со користење на лажни документи” – предупреди Кинг, додавајќи дека многу работи зависат од компетентноста на агенциите за контрола на границите на ЕУ.

Британската парламентарка Џенис Аткинсон смета дека Европа станала „лесна мета” и дека загриженоста од враќање на џихадистите по падот на Мосул доаѓа „премногу доцна”. Поради отворените граници, потсетува Аткинсон, од фронтот во Ирак и Сирија веќе се вратија околу 5.000 исламистички борци.

Би можело да ве интересира

Ердоган: Турските разузнавачи го убија лидерот на Исламската држава

Ана Ололовска

Британката која се приклучи на Исламска држава, не може да се врати во Велика Британија

Ана Ололовска

Абу Хусеин – нов лидер на терористичката Исламска држава

Ана Ололовска

Исламска држава: Нашиот лидер е мртов

Ана Ололовска

ИД ја презеде одговорноста за вчерашниот смртоносен напад во Сирија

Ана Ололовска

Терористите побегнаа од затвор кој е под контрола на сириските Курди

Ана Ололовска