По една година од договорот меѓу САД и талибанците не остана ништо

Од:

Бета – Белград

Времето за постигнување договор, кој точно пред една година, февруари 2020, во Доха го потпишаа САД и талибанците, одамна помина, пишува италијанскиот новинар Валерио Пеликари специјално за агенцијата Бета.

Тој договор всушност беше конструиран околу изборните интереси на тогашниот американски претседател Доналд Трамп и требало да даде резултат пред американските претседателски избори во ноември минатата година.

Ветуваше завршување на војната во Авганистан, најдолга во историјата на САД, но така што да не биде прогласена ничија победа. Сепак, враќањето на американските војници дома и завршувањето на ритуалите на покривање на ковчезите со американско знаме, требаше да ја зголеми поддршката за претседателот и да му даде повод да испраќа горди патриотски пораки. Она што потоа се случило во Кабул и во целата земја не било предвидено и не одговарало на интересите на Вашингтон.

Како што тоа веќе му се случило на СССР, кој го почувствувал историскиот пораз на авганистанска територија, па морал, заминувајќи, да преговара и да им плати на герилците за да не ги нападнат и понижуваат при преминот низ Саланг во последните денови од повлекувањето. Горбаќов јасно им кажал на преговарачите од ОН кои сакале да го прекинат конфликтот: Ние заминуваме, можете сега да поставите и император во Кабул наместо комунисти.

Во своите први декрети кои трезвено ги потпишувал со пенкало, а не како неговиот претходник со фломастер, американскиот претседател Џо Бајден не дал никакви најави во врска со авганистанското досие. Ниту на Залмај Калилзада, роден во Мазар, кој подоцна стана американски државјанин и беше преговарач во Доха, главниот град на Катар.

„Историскиот договор“, како што го нарекоа, со очевидна согласност и на Американците и на Талибанците, се сведе на четири страници кои изгледаат како да ги напишал Ежен Јонеско, инспириран од надреализмот, а не дипломатски професионалци. Во текстот 16 пати, како некоја мантра, се повторува дека Исламскиот Емират на Авганистан, со кој се преговара, не ги признаваат САД. Се користи името Талибанци, кои се всушност етнички ентитет кој нема политичко значење. Тоа е исто како да се признае дека една странска суперсила води дијалог со разбојничка банда.

Постојат и два тајни анекса, чија содржина досега не е откриена. Можно е тие да се однесуваат на важни восдушни бази, како што се Шинданд и Баграм. Од кои втората содржи спектакуларни писти и хангар меѓу планините, достојни за Агентот 007, кои се недостижен сон на секој генерал што сака да го контролира централниот дел на Азија. Тајните документи би можеле да го содржат и Гвантанамо, озлогласениот симбол во кој се уште се држат Талибанци без обвиненија и без судски процес веќе речиси 20 години. Но, пред се, клучната слабост на тој договор е отсуството на авганистанската влада, која е исклучена од преговорите, иако е формално поддржана од Западот. Спорот меѓу три страни во тој договор ги вклучува само две од нив.

Веднаш дојде до контраудар на претседателот Ашраф Гани во Кабул поради таквиот срам. Според договорот од Доха, 5.000 талибански заробеници кои ги држи Владата во Кабул би биле ослободени во рок од десет дена, а за возврат Талибанците би ослободиле илјада авганистански заробеници, војници и полицајци.

Меѓутоа, размената се одолжи и траеше цели шест месеци. И додека разговорите се менуваа меѓу теолозите, сè за човековите права и другите деликатни препукувања, наследниците на мула Омар ги зајакнаа нападите сè додека не достигнаа рекорд од 400 напади за една недела, најкрвавата во последните 20 години.

Дополнително, Талибанците додадоа околу четиристотини лажни воени заробеници на нивниот список на борци. Во реалноста, тие беа вистински криминалци, вклучени во трговија со дрога, шверц на оружје, мафијашки активности, силувања, сериозни злосторства. Внесени во списокот благодарение на фактот дека платиле во долари.

Реагирајќи на импровизираната црна листа, претседателот Ашраф Гани, веќе иритиран поради обврската за ослободување на пет илјади затвореници од затворите, што му ги наметнаа Американците, одлучи да му се обрати на Советот на авганистанските племенски старешни – Лоја Џирга. Големото Собрание, со над три илјади великодостојници од сите етнички, верски, политички и економски кругови во Авганистан, е најтрадиционалниот и најреспективниот инструмент за воспоставување политички консензус. Го надминува нивото на Парламентот и другите демократски институции увезени од Запад. Дури по тој ритуал, во кој гласањето „за“ или „против“ често се најавува со кревање веѓа, Владата за само десет дена конечно одобри четиристотини лица од црната листа, кои претходно се одолговлекувале со месеци.

Различни извори потврдија дека списокот на непостоечки герилци – затвореници, е составен врз основа на корупција. Самиот Ашраф Гани потврди дека меѓу нив има автентични водачи на криминал. Според еден авганистански дипломат во Европа, кој е на врвот на важен клан од половина милион следбеници во зоната Џалалабад, и кој е во тек со случувањата во својата земја, а денес е одговорен за деликатна мисија меѓу своите сонародници – бегалци, оние кандидати за ослободување, кои никогаш не поминале низ борба, платиле милиони долари за тоа. По темелна истрага, тој направил детален список: 156 лица осудени на смрт, 34 киднапери, 51 шверцер и така натаму, следуваат други вознемирувачки категории. Градот Кандахар, кој всушност беше главен град наместо Кабул во времето на мула Омар, придонесува на списокот со свои 104 сограѓани.

Генерал Нур Ул Хак Олуми, војник од кариера, испратен за време на монархијата во воената академија во СССР, а потоа и во САД, за да ја обезбедува тешко стекнатата неутралност на тогашниот крал, во неговиот телефон држи слика на Махатма Ганди со цитат што се однесува на водење политика без чест. Залудно предупредување. И тој ја потврдува трговијата од милион долари. Според неговите информации, пред многу години роднините на еден голем шверцер на дрога платиле 14 милиони долари за неговото ослободување.

Без оглед на војната, парите отсекогаш патувале непречено и во големи количества во таа земја. Во текот на 80-те и 90-те години од минатиот век, пакети со локални монети, уништени и валкани, врзани со уште повалкано јаже, спакувани како да се мали блокови од глина, се превезувале без ниту еден трговец од чаршијата или банкарски службеник да одлучи да го пресече јажето и да ја провери содржината. Кредитните картички функционирале и покрај ембаргото. Во чаршијата можеле чекови на Европската банка да се претворат во пари без никаква проверка.

Во 2002 година, Олуми беше повикан од претседателот Карзаи за да може, откако ја преземал власта, да се запознае со вистинската состојба на авганистанската армија, едвај една година по падот на талибанскиот режим. За педесет дена Олуми подготви црна книга со црвена рамка во која биле прецизно напишани броеви и имиња, без никаков исклучок. Според тој список постоеле 3.600 генерали, десет корпуси и 44 дивизии. И имало едвај десет илјади герилци кои влегле во Кабул со согласност на заменик-министерот за внатрешни работи на Талибанците и кои не учествувале во фронталната борба. Карзаи располагал со единствена воена хиерархија во светот – еден генерал на секои тројца војници.

Преговорите во Доха не беа единствениот проект на Трамп, слично било и во случајот со Северна Кореја, каде неуспехот беше подеднакво целосен и уште поспектакуларен. Но, ваквите обиди имаат долга историја. Уште во 2003 година, кога Бин Ладен беше најбараниот бегалец во светот, а Талибанците ги сметаа за негови најголеми заштитници, претставници на претседателот на САД Џорџ Буш воспоставија први контакти со исламски студенти кои се движеа меѓу Исламабад, Квета и Дубаи. Започна подземна дипломатска операција меѓу претставниците на демократијата и претставниците на тероризмот, еден вид богохулни преговори меѓу ангелите и ѓаволите.

Американците тогаш поставија четири услови – лидерот на талибанците мораше да се откаже од својата улога на водач и да се тргне настрана, талибанците мораа да ги истераат сите странски борци кои ги мобилизирале во светата војна, американските затвореници требаше да бидат ослободени, посмртните останки да бидат предадени, а нападите врз странските трупи во Авганистан да престанат. За возврат, Талибанците би добиле половина места во владата во Кабул.

Исламските студенти одговориле точка по точка: мула Омар не смее да се допре, протерувањето на странски борци е наша внатрешна работа, немаме американски затвореници но можеме да покажеме каде се закопани мртвите, кажете ни точен датум на вашето повлекување и ние веднаш ќе ги прекинеме нашите напади. Преговорите биле многу попрецизни и појасни од оние кои завршија со договорот во Катар.

Главниот патен правец од Херат до Кабул, клучна оска на авганистанскиот живот, денес е во рацете на Талибанците, кои бараат транзитни билети. Премините носат приход од околу двесте илјади долари дневно. Мировните разговори меѓу завојуваните страни во Авганистан, владата на Кабул и талибанците, ќе траат долго.

Валерио Пеликари е италијански новинар, долгогодишен специјален дописник, автор на книги за Азија и Авганистан.

Би можело да ве интересира

Кремљ: Ударот со хиперсонични ракети е предупредување за Западот

Американската разузнавачка служба ги предупреди одбранбените компании за заканата од руска саботажа

Чувар на американската амбасада во Осло уапсен под обвинение за шпионажа

Горан Наумовски

Русија: Ја предупредивме Америка за нападот

Со проектили е погодена воена база на САД во Сирија

САД воведоа нови санкции против Русија