На француски пилот му е забрането да лета откако обезглави падобранец со авионско крило.
Николас Гали (40) бил обезглавен неколку моменти откако скокнал од авионот во јули 2018.
Пилотот, чие име не се соопштува, е прогласен за виновен за убиство од небрежност и осуден на условна казна од Кривичниот суд во Монтобан, јавува Би-Би-Си.
Здружението на падобрански училишта Средни Пиринеи, кое го вработило пилотот, е казнето со 20.000 евра.
Како што пренесуваат француските медиуми, веднаш откако падобранецот скокнал од авионот на 4.000 метри надморска височина, пилотот почнал да се спушта кон аеродромската писта.
Пред да скокне падобранецот од леталото, немало консултации за патеката по која ќе лета авионот.
На претходното рочиште, адвокатот на роднините на жртвата, Емануел Франк, ја осуди непромисленоста и невниманието на пилотот.
Претседателот на судот во југозападна Франција го истакна и недостатокот на комуникација меѓу жртвата и пилотот.
По инцидентот, мерките за безбедност се засилени и брифинзите станаа задолжителни, се додава во извештајот на Би-Би-Си.