Перуанскиот претседател Педро Кастиљо нареди распуштање на Парламентот, неколку часа пред Собранието да се состане нза да дебатира за нов предлог за негово отстранување од претседателската функција, пренесоа светските агенции.
Во обраќањето до нацијата од претседателската палата, левичарскиот претседател објави дека Конгресот е привремено распуштен и дека ќе се формира влада со итни овластувања. Тој најави и организирање избори во најбрз можен рок за нов Конгрес со уставни овластувања за да изготви нов устав на државата во рок од девет месеци.
Кастиљо рече дека ќе дејствува на начин врз основа на барањата на народот и дека сака повторно да воспостави правна и демократска држава.
До формирањето на новиот парламент, владата ќе постапува со владини уредби кои ќе имаат сила на закон.
Кастиљо најави и воведување национален полициски час помеѓу 22 часот и 4 часот наутро.
Тој рече и дека во процес на реорганизација се судскиот систем, судската власт, уставниот суд, обвинителството и националниот судски совет.
Кастиљо ги покани сите кои поседуваат нелегално оружје да го предадат на националната полиција во рок од 72 часа.
Аналитичарите сметаат дека станува збор за државен удар, дека Кастиљо го прекршил уставот на земјата и дека неговите постапки се незаконски.
Парламентот на Перу, во кој доминира десницата, требаше да расправа за предлогот за отповикување на Кастиљо за „трајна морална неспособност“ да владее со земјата. Кастиљо веќе избегна два обида за импичмент, од кои последниот беше во март оваа година.
Извор: МИА