Перуанскиот премиер Анибал Торес Васкез ја обвини опозицијата во парламентот за заговор за соборување на претседателот Педро Кастиљо, јави државната новинска агенција Андина.
– Не само што излегоа со теорија за наводна измама, туку сега имаат намера тајно да смислат план за државен удар преку импичмент на претседателот, рече перуанскиот премиер.
Според него, зад напорите за дестабилизација на политичката ситуација во земјата „стојат оние кои сè уште не можат да се помират со резултатите од претседателските избори“.
Парламентарците се обидуваат законски да ги ограничат овластувањата на шефот на државата во нивна полза, што според него го загрозува балансот меѓу властите.
Торес беше назначен за премиер на Перу на 8 февруари. Тој стана четвртиот премиер откако Кастиљо ја презеде функцијата кон крајот на јули минатата година.
Кон крајот на јануари Кастиљо објави одлука за обновување на Советот на министри откако министерот за внатрешни работи Авелино Гијом и премиерот Мирта Васкез поднесоа оставки. Според радио станицата EреПeПe, Васкез го објаснил своето заминување „со присуство на неадекватна група советници во опкружувањето на шефот на државата“.
На 1 февруари Кастиљо положи заклетва во новиот кабинет. За премиер е именуван конгресменот Хектор Валер Пинто. Веќе следниот ден, медиумите јавија дека сопругата на новиот премиер во 2016 година го обвинила за семејно насилство врз неа и нејзината ќерка. Парламентот, кој според законот треба да одобри влада назначена од претседателот, потоа го прогласи за недозволиво именувањето на Валера Пинто за шеф на кабинетот и соопшти дека планира да му изгласа недоверба, по што шефот на државата најави нова ротација.
Извор: МИА