Конгресот на Перу го одобри барањето на опозициските пратеници за почнување постапка за импичмент на претседателот Педро Кастиљо, трет официјален обид за соборување на левичарскиот лидер откако тој ја презеде функцијата минатата година.
Со 73 гласа за, 32 против и шест воздржани, Конгресот го одобри процесот и го повика Кастиљо да одговори на обвиненијата за кршење на уставот на 7 декември.
Претходно вчера, висока делегација на Организацијата на американски држави (ОАС) препорача „политичко примирје“ меѓу извршната и законодавната власт на Перу додека го поднесе својот прелиминарен извештај за посетата на земјата кон крајот на ноември.
За смена на претседателот, потребни се 87 од 130 членови на Конгресот, што се надеваат дека ќе го постигнат десничарските опозициски партии во Перу.
Пред гласањето, премиерката Бетси Чавез рече дека Кастиљо треба да го отслужи својот мандат до 2026 година и дека примирјето и дијалогот што ги бара ОАД „се од витално значење кога имаме донекаде затегнати односи меѓу двете гранки на власта“.
Таа јужноамериканска земја е зафатена од политички конфликти меѓу двете гранки на власта, а од 2016 година, поради отпуштања и оставки, имаше пет претседатели, меѓу кои и Кастиљо.
Кастиљо, обвинет за злоупотреба на претседателската функција, исто така се соочува со тужба од јавниот обвинител поврзана со истраги за корупција.
Претседателот вели дека тужбата е обид за „државен удар“ оркестриран од обвинителството и Конгресот.
Извор: МИА