Ерменскиот премиер Никол Пашинијан денеска изјави дека го сменил началникот на Генералштабот, Оник Гаспаријан, откако армијата побара негова оставка.
Руските медиуми пренесоа дека Генералштабот на вооружените сили на Ерменија претходно побара оставка од Пашинијан и го предупреди да не употребува сила против народот.
Барањето на армијата за отстранување на Пашинијан се случува еден ден откако претседателот Армен Саркисјан, на предлог на Пашинијан, го отстрани првиот заменик началник на Генералштабот, Тиран Хачатријан, кој, според медиумиските извештаи, го исмевал шефот на владата за неговиот став околу ракетните системи „Искандер“.
Пашинјан веќе со месеци се соочува со протести низ земјата откако во ноември минатата година постигна примирје со Азербејџан околу спорниот регион Нагорно-Карабах.