Христијанските цркви кои времето го сметаат според Грегоријанскиот календар денеска го слават Божиќ.
Папата Бенедикт Шеснаесетти на синоќешната миса во пресрет на Божиќ апелираше да се најде решение за арапско-израелскиот судир и војната во Сирија.
Папата апелираше до сите луѓе „да пронајдат место за Бог во своите брзи животи“.
Бенедикт Шеснаесетти мисата ја служеше синоќа во базиликата „Свети Петар“ пред околу 10.000 луѓе – туристи, Италијанци и други верници, а настанот милиони луѓе можеа да го следат во живот преку телевизиите.
Поглаварот на околу 1,2 милијарди римокатолици истакна дека општествата достигнале точка кога во размислувањето на многумина нема простор дури ниту за постоење за Бог.
– Сакаме она што можеме да го фатиме, сакаме среќа која е на дофат на рацете… Толку сме „полни“ со себе што немаме место за Бог, рече Папата, истакнувајќи дека оние кои немаат место за Бог во својот живот, наскоро нема да имаат место ниту за други.
Тој им рече на насобраните верници да се помолат за оние кои денеска „живеат и страдаат“ во Светата земја и повика на мир меѓу Израелците и Палестинците и народот на Сирија, Либан и Ирак, како и мирен соживот на христијаните и муслиманите.
Церемонијата почна во 22 часот наместо на полноќ, како што некогаш беше вообичаено, бидејќи Ватикан пред неколку години го измени распоредот на мисата за да поглаварот на Црквата се одмори пред говорот на Божиќ од централниот балкон на базиликата.
Илјадници христијански верници од целиот свет го славеа синоќа раѓањето на Исус во Витлеем на Западниот Брег.
Тие во текот на целиот ден се собираа на Плоштадот пред Црквата на Христовото раѓање, подигната над пештерата во која е роден Исус.
Прославата кулминираше на полноќ со миса во католичката Црква Света Катарина, која се наоѓа покрај православната Црква на Христовото раѓање.