Палестинската управа одби заедничка истрага со Израелците за убиството на новинарката на „Ал Џезира“

Од:

Палестинските власти денеска објавија дека го одбиле барањето на Израел за заедничка истрага за смртта на новинарката на „Ал Џезира“, Ширин Абу Аклех.

Израел повика на заедничка истрага и го побара за балистичко вештачење куршумот што беше фатален за застреланата новинарка.

„ Одбивме и потврдивме дека ќе спроведеме наша независна истрага, а за резултатот ќе го известиме нејзиното семејство, САД, Катар и сите официјални власти“, објави на „Твитер“ палестинскиот министер за цивилни работи Хусеин ал Шеик.

Тој додаде дека сите индиции, докази и изјавите на сведоци одат во прилог на тврдењата дека новинарката била убиена од специјалните израелски сили.

Ширин Абу Аклех (51) вчера беше застрелана во главата за време на судир меѓу израелски војници и вооружени Палестинци додека известувала за израелската воена операција во градот Џенин на окупираниот Западен Брег.

Палестинците го обвинија Израел за нејзината смрт, а израелските власти велат дека не е исклучено вооружени Палестинци да го испукале смртоносниот куршум.

Израелските телевизиски канали објавија дека двете страни се договориле да направат балистичка анализа на куршумот и истражувале дали новинарката била убиена за време на нападите од израелската или од палестинската страна.

„Канал 12“ наведе дека смртоносниот куршум е за автоматски пушки М16 и М4, муниција според стандардите на НАТО каква што користи израелската армија, но и палестинските екстремисти.

Неколку израелски претставници уште вчера ги повикаа Палестинците на заедничка истрага, а еврејските медиуми објавија дека САД посредуваат меѓу двете страни.

Прелиминарната обдукција спроведена од палестинските патолози покажала дека не може точно да се каже дали новинарката била застрелана од израелски или палестински оган, ниту од која далечина бил испукан куршумот, единствено дека на неа не било пукано одблиску. Истовремено се укажува дека смртта настапила како последица на нанесените повреди, а не од загуба на крв.

Внатрешната истрага на израелската армија, наводно, покажала дека новинарката изгледала како да стои покрај вооружени терористи и дека израелските сили не пукале во неа.

Припадниците на елитната единица Дувдеван изјавиле дека не ја виделе Абу Аклех ниту пукале во неа, објави израелскиот весник „Вала“.

Новинарката која уживаше висок углед на Блискиот Исток и беше препознатливо лице за милиони гледачи, би требало да биде погребана утре во Ерусалим.

Абу Аклех е жртва на продолжените тензии што со седмици се присатни на Западниот Брег.

Палестинските екстремисти, претежно од областа Џенин, ја преминуваа безбедносната ограда кон Западниот Брег и извршија серија напади на израелска страна, при што во периодот од крајот на март беа убиени 19 лица.

Израелските сили одговорија со рации во Џенин, во обид да ги уапсат осомничените и инволвираните во нападите. Тие безбедносни операции доведоа до конфликт со Палестинците.

Според палестинското Министерство за здравство, најмалку 30 Палестинци биле убиени од израелските сили во тој период, меѓу кои и невооружени минувачи.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Над 300 тела пронајдени во масовна гробница кај болница во Газа

Израелската полиција уапсила две лица кои со своето возило налетале на тројца пешаци

Америка го ограничи движењето на својот дипломатски персонал во Израел

Иран: Немаше ракетен напад, соборивме израелски беспилотни летала

Горан Наумовски

ABC News: Израелски проектили погодија локација во Иран

Стејт департментот потврди дека ќе стави вето на приемот на Палестина во ОН во Советот за безбедност

Горан Наумовски