За разлика од многу европски земји, Белгија не се соочува со трет бран, а бележи дури и намалување на инфекциите благодарение на строги рестриктивни мерки, јавува дописничката на МИА од Брисел.
Според последните бројки на Институтот за јавно здравје на Белгија помеѓу 6 и 12 февруари регистрирано е намалување од 20 отсто во просек на новозаразени во споредба со претходната недела.
Намален е и бројот на хоспитализирани за Ковид-19 за три отсто во споредба со претходната недела, како и бројот на починати.
Белгија наесен воведе строги мерки за спречување на заразата, затворени се сите ресторани и кафулиња, а пред неколку недели се забранети и сите несуштински патувања.
Епидемиолозите се надежни дека земјата би можела целосно да избегне трет бран на вирусот за разлика од многу други европски држави и размислува за прогресивно олеснување на рестрикциите.