Лидерот на Лабуристичката партија во Шкотска, Кезиа Дагдеил синоќа поднесе оставка, по две години поминати на функцијата.
Во првата јавна реакција, Дагдеил рече дека е задоволна што ја остава партијата во подобра позиција, отколку во времето кога беше избрана за лидер, но и дека на шкотските лабуристи им е потребна „свежа енергија и нов мандат“.
Таа ги отфрли тврдењата дека се повлекува под притисок на левичарското крило во партијата, но Дагдејл порано го има критикувано актуелниот лидер Џереми Корбин, а извесно време се наоѓаше на удар на левицата во сопствените редови.
На последниот избор за лидер на британските лабуристи, таа застана зад Овен Смит кој беше противкандидатот на Корбин.
Во една изјава од времето на партиските избори, Дагдеил рече дека Корбин „не може да ја обедини Лабуристичката партија“ .
Кезиа Дагдеил е пратеник во шкотскиот Парламент ( Холируд) од 2011 година, од изборната единица во областа Лотија.
На функцијата лидер на шкотските лабуристи, го наследи Џим Марфи, во август 2015 година, откако на британските парламентарни избори таа година, партијата доживеа дебакал, освојувајќи само едно пратенички место.
На шкотските парламентарни избори, минатата година, партијата остана трета, зад Шкотската национална партија (СНП) и зад британските ториевци.
На предвремените избори за Парламентот во Лондон, на 8 јуни годинава, под нејзино водство, лабуристите добија седум пратеници, но сепак останаа на третата позиција кај шкотските гласачи.