Осомничениот за тероризам Мирсад Кандиќ, кого властите на Босна и Херцеговина го пронајдоа и вчера го екстрадираа во САД, на денешното судско сослушување се изјасни дека не е виновен.
Адвокатот кој го застапува Кандиќ, Џејмс Брендан одби да го коментира случајот.
Во судот во Бруклин, тој е обвинет дека помогнал преку граница да преминат повеќе од 20.000 борци на „Исламска држава“.
Кандиќ, вчера беше испорачан на САД, каде го дочека обвинение со шест точки, меѓу кои и пружање материјална помош на ИД. Доколку се докаже неговата вина, тој ќе се соочи со доживотна затворска казна, без можност за помилување.
Кандиќ е роден на 1981 година во Пеќ, во Косово, а во САД живеел врз основа на „зелена карта“, доделена од американските власти. Шефот на Канцеларијата на ФБА во Њујорк Вилијам Свини помладиот, изјави дека Кандиќ уште од 2005 година, „искажувал желба да ги напушти САД и да се вклучи во џихадот на Блискиот исток“.
Американските власти на Кандиќ му воведоа забрана за летање, но тоа не го спречи во декември 2013 година да ја напушти земјата со лажни документи. Отпатувал во Турција, каде се поврзал со припадници на ИД.
Обвинителката Сарита Коматариди, на првото рочиште изјави дека „базата“ на Кандиќ била во Турција.
– Тој три години бил логистичар и помагач на ИД, изјави обвинителката. Таа дополни дека тој бил еден од главните лица и за пружање логистика, но и за регрутирање борци во ИД.
Откако на 13 ноември 2015 година во Франција беше изведен терористички напад, во кој загинаа 130 лица, Кандиќ, според обвинението, на Твитер напишал: Америка е во страв.
Тој се товари и дека му помогнал на 18-годишниот Австралиец Џејк Биларди на патот до Турција и потоа преминувањето на територијата на ИД, во Сирија и Ирак. Токму Кандиќ го пречекал на границата меѓу Турција и Сирија и му помогнал да влезе на територијата на ИД. Биларди, односно Абу Абдула ал Аустрали, кое му беше новото име, на 11 март 2015 година изврши самоубиствен напад во ирачкиот град Рамада. Во тој напад, смртно настрада само Биларди, а на тој чекор го наговорил токму Кандиќ.
Министерот за безбедност на Босна и Херцеговина Драган Мектиќ на вчерашната прес-конференција потврди дека на 4 јули во таа земја бил уапсен Кандиќ и екстрадиран во САД.
За лоцирањето на Кандиќ, најзаслужна е Разузнавачко-безбедносната агенција на БиХ (ОСА), посочи Мектиќ.
Кандиќ поседувал десетина лажни идентитети и лични документи со кои непречено влегувал и престојувал во држави како Германија, Велика Британија, Албанија, Турција… Во БиХ влегол со фалсификувана исправа на име Иван Поповиќ, а во таа земја се движел под лажниот идентитет Един Радончиќ. Во неколку наврати разузнавачите го лоцирале Кандиќ, по кого во 2016 година беше распишана црвена потерница на Интерпол, но потоа го губеле. На крај, е пронајден во изнајмен стан во Сараево и ставен во екстрадициски притвор.