Унгарскиот премиер Виктор Орбан најави дека земјата денеска ќе се соочи со најголеми поплави, порачувајќи им на сонародниците дека треба да се подготват за најлошото.
„За жал, нивото на реката Дунав, измерено на границата, веќе го надмина максимумот на сите времиња“, изјави Орбан.
Дунав изутринава достигна 8,79 метри кај местото Нагибајч, што е за четири сантиметри над претходното рекордно ниво.
„Треба да се подготвиме за најлошото“, изјави унгарскиот премиер, повикувајќи ги граѓаните да бидат кооперативни во напорите да се спречи катастрофа, иако најголем број на силите за вонредни ситуации веќе се упатени во критичните делови на земјата.
Околу 10.000 луѓе, вклучувајќи ги и унгарските војници, работеле во текот на ноќта и утрово со цел да ги зајакнат заштитните насипи околу 700 километри долж брегот на реката Дунав.