Орбан блокираше 50 милијарди евра помош за Украина

Од:

Унгарија блокираше 50 милијарди евра помош од ЕУ за Украина, само неколку часа по постигнатиот договор за почеток на преговорите за членство. „Резиме на ноќната смена: вето на дополнителни пари за Украина“, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан по разговорите доцна синоќа во Брисел.

Лидерите на ЕУ рекоа дека преговорите за помош ќе продолжат на почетокот на следната година. Украина е критично зависна од финансирањето на ЕУ и САД, бидејќи продолжува да се бори против окупаторските руски сили. Орбан најави замрзнување на помошта веднаш откако лидерите на ЕУ одлучија да отворат преговори за членство со Украина и Молдавија и да и дадат кандидатски статус на Грузија.

Унгарија – која одржува блиски врски со Русија – долго време се противеше на членството на Украина, но не стави вето на овој потег. Орбан за момент ја напушти преговарачката соба, во она што официјалните лица го опишаа како „однапред договорено“ и „конструктивно“, додека останатите 26 лидери продолжија да гласаат.

Портпаролот на Шарл Мишел, претседател на Европскиот совет, рече дека договорот е постигнат едногласно. Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја поздрави одлуката на ЕУ за преговорите за членство како „победа“.

Коментирајќи го противењето на Орбан за финансиската помош за Украина, холандскиот премиер Марк Руте рече: „Имаме уште малку време, Украина нема да остане без пари во следните неколку недели“.

„Се договоривме со 26 земји“, додаде тој. „Виктор Орбан сè уште не може да го направи тоа. Сосема сум уверен дека можеме да постигнеме договор на почетокот на следната година. Размислуваме за крајот на јануари“.

На рано утринскиот брифинг со новинарите денеска, Мишел потврди дека сите, освен еден лидер на ЕУ, се согласиле за пакетот помош и за пошироките буџетски предлози за блокот – иако Шведска сè уште треба да го консултира својот парламент.

„Ќе се вратиме на ова прашање на почетокот на следната година и ќе се обидеме да постигнеме едногласност“, рече тој.

Одлуката за нов пакет помош за Украина беше отежната поради фактот што продолжувањето на финансиската поддршка за Киев е дел од законскиот предлог за сеопфатна ревизија на долгорочниот буџет на ЕУ. Европската унија работи со седумгодишни буџетски системи, а сегашниот заеднички буџетски период е до 2027 година.

На почетокот на оваа година, Европската комисија предложи финансиска поддршка на Украина од 50 милијарди евра до 2027 година, од кои 33 милијарди евра ќе бидат издадени како заеми, а 17 милиони евра како грантови.

Украина, исто така, очајно бара одобрување на пакетот американска одбранбена помош од 61 милијарда долари – но таа одлука исто така се одложува поради големите несогласувања меѓу демократските и републиканските пратеници.

Украинската контраофанзива против руските окупаторски сили беше прекината на почетокот на зимата, а се стравува дека Русите би можеле да ја надминат Украина на линијата на фронтот.

Би можело да ве интересира

Русите погодиле воз: Министерството соопшти дека имало западна воена опрема

Русите уапсија двајца нивни војници за грозоморни злосторства

Катерина Ѓуровски

Руски шпиони ја бараат рутата по која во Украина стигнува оружје

Катерина Ѓуровски

Американскиот Конгрес одобри помош за Украина

Русија бомбардирала свој град: по грешка погодена Белгородската област

ВИДЕО: Во руски напад урната ТВ кулата во Харков