Воените беспилотни летала можат сами да летаат до местото на конфликтот, да изберат цел и да ја елиминираат без учество на луѓе во целиот процес, наведуваат Обединетите нации.
Извештајот на Обединетите нации е направен по инцидентот што се случи во Либија во март минатата година.
Беспилотното летало „СТМ Карго-2“ беше користено за првпат во Либија, а тие авиони „пронајдоа и нападнаа“ припадници на силите лојални на генералот Калифа Хафтар, наведува ОН.
Вооружениот дрон „СТМ Карго-2“ е произведен од турската компанија СТМ и може да работи самостојно или да се управува од оператор. Производителот наведува дека овој авион може да „научи“ и „да процесира снимки на потенцијални цели во реално време“.
Сепак, во извештајот на ОН не е наведено дали има загинати во тој напад. Ако имало жртви меѓу војниците на Хафтар, тоа би бил прв случај во историјата, машина со вештачка интелигенција да убие човек.
„Ова оружје е програмирано да убива без контакт со операторот“, наведуваат Обединетите нации, без притоа да наведат дали беспилотното летало било управувано во моментот на нападот или самостојно ја извршувало задачата.