Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, и сите членки на Советот за безбедност, со исклучок на САД, го критикуваа Израел и побараа стопирање на изградбата на нови населби во палестинските територии.
Членките на Обединетите нации предупредија дека градењето е закана за мировниот договор меѓу двете страни.
Претставници на 14 земји членки на Советот за безбедност, им изјавија на новинарите пред салата, после редовниот месечен извештај за Блискиот Исток, дека ги осудуваат израелските планови за изградба на нови населби на Западниот Брег.
Претседателот на Советот рече дека тие го сториле тоа затоа што 15 членки на тоа тело на ОН не успеале да се договорат за резолуција или заедничко соопштение “речиси сигурно поради противењето на САД.”
Независно од нив, генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, за новинарите изјави дека нагласената градежна активност на Израел “опасно се заканува на напорите да се воспостави одржлива палестинска држава”.
Тој го повика Израел “да се воздржи од понатамошно одење по тој опасен пат.”