Обединетите нации објавија извинување поради изведбата на српската композиција „Марш на Дрина“ во Генералното собрание на ОН, на одбележувањето на Стара нова година, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Вук Јеремиќ, претседавачот на Генералното собрание на ОН, го поканил хорот Вива Вокс од Србија да одржи концерт по повод празникот, при што една од песните која ја отпеале била токму „Марш на Дрина“, која е компонирана во Првата светска војна во 1914 година по повод српската победа над Австро-Унгарија во битката кај Цер.
Изведбата на песната предизвика остра реакција на Босна и Херцеговина, која ја смета оваа песна како националистичка, поради нејзиното прифаќање од страна на српските единици во војната во Босна.
– Искрено жалиме што луѓе беа навредени од оваа песна, изјави Мартин Несирки, портпарол на Обединетите нации.
На изведбата на хорот Вива Вокс присуствуваше и генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун, кој на српски јазик ја честиташе Стара нова година, а заедно со Јеремиќ аплаудираше за време на маршот.
Јеремиќ, од своја страна, ги отфрла критиките за изведбата на маршот.
– Овие напади се жални обиди да се измени значењето на овој музички подарок кој му го понудивме на светот и претставуваат длабока навреда за српскиот народ. Песната „Марш на Дрина“ има централно место во нашето сеќавање на одбраната од агресорите во Првата светска војна, во текот на која Србија загуби една третина од своето машко население, во битките на кои се боревме на страната на сојузниците, пишува во соопштението на Јеремиќ.
Како претседавач на Генералното собрание на ОН, Јеремиќ се прослави со пораките кои ги испраќа преку социјалните мрежи, како кога ја спореди состојбата на Косово со Хобитот и неговата борба против “лошите Орки и силниот змеј”.