Организацијата на Обединетите нации предупредува дека Земјата за 40 години би можела да се соочи со ненадејни поплави, бури и високи температури и во рамки на кампањата пред претстојниот самит за климатските промени снимиле „измислени, но реалистични“ временски прогнози од 2050 година.
Светската метеоролошка организација на ОН повикала познати презентери на временски прогнози ширум светот, со цел предупредувањето да биде поверодостојно.
– Мајами е под вода, истакнал еден американски презентер во првото издание на „временската прогноза од иднината“.
Презентер од Замбија ги предупредува сограѓаните на високи температури, додека негов колега од САД вели: „Досега незабележана суша во Аризона однесе уште еден живот“.
Бугарски метеоролог соопштува дека температурата достигнала 50 степени Целзиусови, со што е надминат рекордот од 45 степени од 1916 година.
Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун ги повика светските лидери да се обврзат дека ќе се борат против климатските промени и глобалното затоплување.
Самитот за климата, кој ќе се одржи на 23 септември во Њујорк, е замислен како чекор напред кон постигнување договор меѓу речиси 200 земји до крајот на 2015 година да се забави глобалното затоплување.