Тимот експерти на Обединетите нации за терористичката организација Ал Каеда препорача воведување нови мерки против џихадистите, кои ќе овозможат одземање на цистерни со нафта, кои ги напуштаат териториите на Сирија и Ирак, што се под контрола на групацијата Исламска држава или на Фронтот Ал Нусра.
Во документот, кој синоќа е испратен до Советот за безбедност на ОН, експертите исто така препорачаа СБ да воведе глобален мораториум на извозот на антиквитети од Сирија и Ирак, како и да побара од сите земји да не издаваат дозвола за слетување и полетување на авиони, кои доаѓаат или се движат низ териториите, што ги контролираат двете групации.
Осумчлениот тим меѓутоа предупреди дека тие мерки, иако можат да играат важна улога во попречување на активностите на припадиците на двете групации не се доволни за да ја отстранат заканата, што тие ја претставуваат за Блискиот Исток и за целиот свет.
Експертскиот тим ги повика владите во поголема мера да разменуваат информации за џихадистите и сите земји да воведат мерки за забрана на продажба на оружје, регрутирање и финансирање на терористичките организаиции.
Извештајот на тимот е објавен како одговор на барањето на СБ од 15 август за проценка на заканата, која ја претставува ИД, чии борци зазедоа големи подрачја од Сирија и Ирак, како и сирискиот огранок на Ал Каеда, Фронтот Ал Нусра.