Загубите од несреќите низ светот во 2012 година, трета година по ред, изнесуваат над 100 милијарди долари, изјави Службата на ОН за намалување на ризикот од природни несреќи, цитирана од ДПА.
Поплавите, земјотресите и студовите минатата година предизвикале штети од 138 милијарди долари, и покрај тоа што немало некоја голема природна катастрофа во градски регион.
Од 1980 година прегледот на економските загуби, предизвикани од големи природни катастрофи, покажува дека од средината на 90-те години на 20 век има зголемување на економските загуби и тоа се претвора во нагорна тенденција, за што потврдуваат загубите од минатата година, изјави службата.
Приближно 9.300 лица загинале од природни несреќи во 2012 година. Најмногу жртви зел тајфунот Бофа, во декември тој го одзеде животот на 1.900 лица во Филипини. Стотици луѓе загинале во поплавите во Пакистан и Нигерија.
Од финансиска гледна точка, најскапа несреќа бил ураганот Санди, што го зафати Источното крајбрежје на САД во октомври, следен од два земјотреса во Италија во мај.