Речиси 10.000 деца умираат месечно од глад како директна причина на пандемијата со Ковид-19, а ова се должи на ограничувањата наметнати како мерки против ширење на коронавирусот, покажува истражување на Обединетите нации.
Повеќе од 550.000 деца се неухранети секој месец. Четири агенции на ОН предупредуваат дека блокадите имаат катастрофални последици.
Светската здравствена организација, УНИЦЕФ, Светската програма за храна и Организацијата за храна и земјоделство веднаш побараа најмалку 2,4 милијарди американски долари за решавање на глобалниот глад. Проблемот не е само недостаток на средства за преживување, туку и доставувањето хуманитарна помош, велат експертите.
Ситуацијата е особено загрижувачка во држави како Авганистан, Јемен или Судан, кои се потресени од воените конфликти со години.
Околу девет отсто од луѓето во светот гладуваат, а пандемијата на коронавирус ќе го зголеми гладот оваа година, се вели во извештајот на ОН од овој месец.
До 2030 година, повеќе од 890 милиони луѓе би можеле да бидат погодени од глад, или 8,9 отсто од светската популација. Минатогодишниот извештај проценува дека 820 милиони луѓе гладуваат, но бројките беа ревидирани по промената на статистиката на Кина од претходните години.