Одлуката на британскиот Врховен суд со ништо не го менува распоредот на Брегзит, соопшти Владата

Од:

Денешната одлука на британскиот Врховен суд да ја задолжи Владата да добие одобрување од Парламентот за почнување на преговорите за излез од Европската Унија со ништо не го менува распоредот на Брегзит, соопшти британскиот кабинет, цитиран од француските медиуми.

„Британците гласаа за напуштање на ЕУ и Владата ќе го спроведе, активирајќи го член 50 (од Лисабонскиот договор) пред крајот на март, како што првично беше предвидено. Денешната одлука со ништо не го менува тој распоред“, се наведува во соопштението.

Истовремено, британската Влада подвлекува дека ќе се сообрази со одлуката на Врховниот суд, пренесуваат американските медиуми.

„Ја почитуваме одлуката на Врховниот суд и во најскоро време ќе ги отпочнеме нашите следни чекори во Парламентот“, соопшти кабинетот.

Главниот обвинител Џереми Рајт изјави дека Владата е разочарана од одлуката на судот, но ќе се сообрази со неа и ќе направи се што е неопходно за нејзината реализација, пренесоа британските медиуми.

-Нема да го блокираме член 50. Од сите лабуристички пратеници веќе следната недела или кога ќе се одржи гласањето ќе се побара да гласаат во оваа насока, увери лидерот на главната опозициска партија Џереми Корбин.

Одлуката, меѓутоа, на лабуристите и на другите пратеници, кои се против „тврд Брегзит“, односно давањето предност на ограничувањата за имиграцијата пред достапот до заедничкиот пазар, ќе им даде можност да имаат поголемо влијание врз соддржината на конечниот договор, забележуваат британските медиуми.

Високо позиционирани министри во владата на Тереза Меј, кои очекуваа дека Владата ќе го загуби процесот пред Врховниот суд, веќе подготвија варијанти, вклучувајќи и предлог закон што многу брзо ќе биде поднесен во Долниот дом на Парламентот.

Првиот министер на Шкотска Никола Старџен изјави дека британскиот кабинет е политички обврзан да се консултира со локалните парламенти за прашањето на излегување од ЕУ, независно од денешната одлука на Врховниот суд дека нивната согласност не е законски неопходна.

Би можело да ве интересира

Британците повеќе не ја сметаат Германија за сигурен сојузник

Велика Британија: Полицијата нуди 23.000 евра за помош за апсење на напаѓачот од Клепам

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Бурата Иша ја погоди Британија, откажани летови, илјадници домови без струја

Хорор во Англија: Пронајдени четири тела во куќа во Костеси

А1он

Ковачевски: Со законот за рестриктивни мерки ќе бидат опфатени наши ентитети, санкционирани од САД и Британија

А1он

Кое оружје го користеа САД и Велика Британија за да ги нападнат Хутите

А1он