Претседателот на САД Барак Обама можеби е потомок на африкански роб од мајчина страна, тврдат американски генеалози.
Во биографијата на претседателот, чиј татко е од Кенија, а мајка му од Канзас, е наведено дека за разлика од повеќето афроамериканци, неговите корени немаат заедничко со робовите.
Специјализираната компанија „Ансестри“ од државата Јута соопшти дека по двегодишно истражување екипа од генеалози утврдиле дека мајката на Обама, освен европските предци, имала најмалку еден африкански предок и дека претседателот можеби е потомок на еден од првите официјално регистрирани африкански робови во САД.
Според „Ансестри“ Обама може да е 11-от праправнук на африканскиот роб од колонијална Вирџинија со име Џон Панч, кој околу 1640 година пристигнал од Западна Африка и бил принуден да работи долги години како слуга за да го исплати превозот.
Тој побегнал од Вирџинија во Мериленд, каде бил уапсен и исправен пред суд заедно со други двајца слуги, исто така бегалци, но белци. Неговата казна била потешка одколку на останатите. Тој бил осуден на доживотно ропство, што според некои историчари во прави првиот легално документиран африкански роб, години пред Вирџинија да донесе закони за одобрување на ропството.