Нобеловецот Мухамед Јунус: Променете се себеси па ќе ја промените власта

Од:

Klix.ba – Сараево

Мухамед Јунус, добитник на Нобелова награда за мир, изминатите денови престојува во Сараево во организација на ББИ Банката. За Кликс.ба Јунус зборува за предизвиците на современиот свет, економскиот јаз меѓу богатите и сиромашните, но и за начините на решавање на проблемите со кои се соочува БиХ.

Мухамед Јунус е добитник на Нобелова награда за мир во 2006 година како основач на концептот на микрокредити, кредитни линии за сиромашните кои не ги задоволуваат условите за класични кредити. Мухамед Јунус ја почнал својата борба против сиромаштијата во текот на 1974 година и големата глад во Бангладеш. Открил дека многу малите кредити можат многу да го подобрат преживувањето на најсиромашните. Во тоа време покренал истражувачки проект за економијата во руралните краишта.

Основач е на Грамен банката со која ја дели наградата за работа на економскиот и социјален развој на најсиромашните. Грамен банката издала над 5,1 милијарда долари кредити за околу 5,3 милиони жители на Бангладеш. За да обезбеди враќање на кредитите банката го користи системот на солидарни групи. Тие мали неформални групи заеднички се пријавуваат за кредити, а нивните членови се содолжници кои меѓусебно си помагаат во обидите за економски напредок.

– Тука сум само три дена, го видов Сараево, но не и другите делови на оваа земја. Многу сум импресиониран од луѓето и нивната загриженост за иднината на земјата. Гледам дека сакаат да направат промени, дека ги мачат одредени проблеми и како да ги решат. Гледајќи ја нивната посветеност, верувам дека тие промени ќе се случат. Кога им зборувам за своите искуства, обрнуваат големо внимание. Очигледно е дека бараат идеи како да ги решат проблемите на својата земја, а една од тие идеи може да биде и тоа за кое јас зборувам – вели Мухамед Јунус на почетокот на разговорот за Кликс.ба.

Кое прашање денес е значајно за современиот свет: воспоставување и зачувување на мирот или борбата за економска рамноправност?

И едното и другото, апсолутно. Сметам дека целосно е невозможно да се одвојат, т.е. одвоено да ги гледаат тие две прашања. Двете прашања се поврзани на неколку нивоа. Ние сакаме мир во светот, но истовремено сакаме и социјална правда. Тоа се два поврзани идеали за кои се бориме.

Овие денови многу луѓе се загрижени што ќе се случи со светот во иднина, посебно со оглед на се поголемиот број на воените жаришта.

– Дали ве загрижува вас можниот развој на настаните?

– Секако дека сум загрижен. Но, истовремено сум и збунет поради добрите работи кои ги носи иднината. Ја замислувам иднината подобра од сегашноста. И токму бидејќи замислувам, мислам дека ќе се оствари. Секако дека ќе има проблеми, бидејќи луѓето прават погрешни работи. Но ние мораме да замислуваме подобра иднина и да се бориме таа да се оствари. Ако се препуштиме на настаните, повторувајќи дека се е лошо и дека ние ништо не можеме да промениме, ништо и нема да се промени на подобро. Мораме да влеземе на терен, а не да ја гледаме играта од трибините. Само ако сме на теренот можеме да постигнеме погодот и да кажеме: Успеавме. Она што ми влева сила и доверба е дека ако на младите луѓе им покажете што се добри идеи, тие ќе го направат останатото. А младите сакаат предизвици, сакаат да бидат на теренот.

Според Вас, што ќе биде во иднина со јазот кој постои меѓу богатите и сиромашните држави, но и меѓу богатите и сиромашните внатре во секоја земја?

Начинот на кој капиталистичкиот систем е замислен и дизајниран тежи кон тоа богатството да се акумулира на врвот. Токму тој систем креира разлики и го создава тој процеп меѓу тие кои се на врвот и тие кои се на дното. Како што се качувате од дното кон врвот имате поголеми можности да заработите пари, но таа желба за пари никогаш не престанува, макар дошле и до самиот врв. Колкава е концентрацијата на богатството на самиот врв покажува фактот дека само 85 отсто луѓе на светот имаат околу половина од вкупното светско богатство. Таа тенденција, како што наведов, е вградена во самите основи на капиталистичкиот систем.

Дали е можно тој систем да се промени или барем да се прилагоди?

Мораме да најдеме начин. Ако не го промениме тој систем, ако не ја промениме тенденцијата која е во неговите темели, никогаш нема да ги отстраниме разликите меѓу богатите и сиромашните, тие никогаш нема да бидат рамноправни и да имаат исти шанси. Еден од предлозите кои ги дадовме е и општествено-одговорно работење. Тоа е работење кое пред се ги решава проблемите, а потоа се заработуваат пари.

Која е разликата меѓу моментално присутните концепти на работење и тој кој го предлагате вие?
Денес на светот имате два основни, доминантни концепти. Првиот е тој кој подразбира работење кое ги решава проблемите без заработка на пари, а другиот е тој кој само се грижи за заработка на пари. Според нашиот концепт, кој подразбира и решавање на проблеми и заработка на пари, профитот не останува на поединецот или компанијата, туку се враќа во општеството. Тоа е еден од начините на кој ги намалуваме разликите меѓу богатите и сиромашните.

Што ние како поединци можеме да направиме да ја намалиме таа разлика меѓу богатите и сиромашните?

Поединците се центар на светот. Тоа што јас или вие како поединци го правиме го формира светот. Менувајќи се себеси ние го менуваме светот. Ако преземеме некоја иницијатива, светот сигурно ќе се промени. Тука воопшто не се работи за тоа дека ние мора да извршиме некој притисок на владата за да се променат работите. Целосно се согласувам со тие кои велат дека треба да се врши притисок на владата, но тоа не значи дека ние не треба да го одработиме својот дел од работата. Секој поединец може да го промени светот, тој ја има таа моќ. Така да во својата работа посветувам големо внимание на индивидуи, се обидувам да им објаснам дека тие имаат огромна моќ, но не ја користат.

Едноставно, зафатени се со некои мали, секојдневни нешта: бараат работа, зголемување на платите, напредок во кариерата… Сето тоа се мали работи, а јас ги охрабрувам да направат многу поголеми работи. Посебно потенцирам колкава моќ имаат младите кои ја разбираат и ја користат современата технологија. Токму тие, користејќи ја таа технологија, можат да направат работи кои мојата генерација никогаш не можела.

Дали во Босна и Херцеговина успешно може да се примени Вашиот концепт на микрокредитни организации?

Во секоја земја може да се примени тој концепт. Денес работиме ширум светот, од најсиромашните земји до тие најбогатите како што се САД во кои имаме 19 канцеларии. Во некои од најбогатите земји се обидуваме да помогнеме на лица кои се на самото дно на општетството.

Еден од најголемите проблеми е и невработеноста во БиХ. Како да се реши тоа?

Босна и Херцеговина има релативно малку население и со само неколку исправни одлуки може да се направи многу, што не е случај со земји како што е Бангладеш, во кои имате 160 милиони жители. Исто така, вие сте во самиот центар на Европа и можете да направите што сакате. Речиси можете да направите листа на најсиромашните и да одите од врата до врата да најдете начин како на секој од нив да помогнете. Верувам дека секој поединец, секое семејство, има моќ на креативност и единствено што им треба е да им се помогне да ги откријат тие креативности и да ги претворат во бизнис. Овие денови зборував и како со едноставни потези да се реши проблемот со невработеноста на младите.

Како, откријте ни ја тајната?

Клучно е во главите на младите да се случи промена, едноставно да престанат да чекаат работа и да почнат да ја бараат. Па каде постои земја која за вас бара работа? А младите имаат клучна улога бидејќи можат да направат огромна разлика. Мислите поинаку ако сакате да создавате поинаков свет. Тоа е целата поента и тајна. Не се плашете да мислите и да работите поинаку.

Сепак многу луѓе во БиХ ќе кажат дека имаме лоша власт и дека таа е основна кочинца за било какви промени и развој?

Секој народ мисли дека нивната власт е лоша бидејќи власта не го прави она што тие мислат дека е исправно и дека треба да се направи. И секако дека е оправдано да се критикува власта и да се тера да работи исправни нешта. Но, пред да почнеме да критикуваме ние треба да почнеме да работиме исправни нешта. Не можеме и не смееме да чекаме на власта да се промени и да ја промени состојбата во земјата. За навистина да се случи промена, мораме да се промениме себеси. Тогаш на власта ќе можеме да кажеме дека прави погрешни работи и дека треба да се угледа на нас. Секоја власт секогаш е една машина која многу бавно се движи. Од друга страна, поединците се тие кои се динамични, кои можат да направат некои мали работи многу лесно. Кога ќе ги направат тие мали работи, тогаш можат на властите да кажат: Еве ви пример, вие сега умножете го. Клучно е да се покаже успех и да се порача на властите: Го направив тоа и тоа, успеав, сега вие направете го истото на високо ниво. Граѓаните се креативен дел од општеството, а не власта, а ако тие не бидат креативни власта сигурно ќе биде неефикасна.

Имавте вечера со босанскохерцеговските стопанственици. Што им порачавте?

Им реков дека добро е што се бават со бизнис. Но, им реков дека треба да почнат да се бават со општествено-одговорно работење за да ги решат проблемите кои ги гледаат околу себе: невработеноста, напуштањето на земјата, проблеми со здравствениот систем… Тоа за сите стопанственици е предизвик, при што нивниот бизнис нема воопшто да трпи, туку ќе профитира од тој нов начин на работење.

Би можело да ве интересира

Петмина Украинци уапсени за киднапирање на сириски државјанин во Сараево

Во БиХ е пронајдено девојче од Германија, жртва на трговија со луѓе

Земјотрес во БиХ, епицентарот во околината на Мостар: „Добро се стресе!“

Извлечени тела на жена и дете од коритото на Миљацка во Сараево

Горан Наумовски

Брисел и даде „зелено светло“ на БиХ за отворање на преговорите за пристапување во ЕУ

Горан Наумовски

По Црна Гора, земјотресот ја погоди и Босна и Херцеговина