Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) се повлекоа од мисијата на меѓународната коалиција, предводена од САД, која врши воздушни напади врз позициите на џихадистите од милитантната група Исламска држава (ИД), открива „Њујорк Тајмс“.
Американскиот весник тврди дека таквото решение било донесено уште во декември минатата година, веднаш по соборувањето на јорданскиот авион Ф-16 на територијата на Сирија под контрола на џихадистите и по заробувањето на пилотот Моаз ал Касасбех.
Властите во Емиратите и натаму ја поддржуваат мисијата против ИД и остануваат во коалицијата, но тие бараат од американскиот Пентагон да обезбеди операции од типот „пребарај и спаси“, посебно на ирачката територија, пред ОАЕ да прифати нејзините авиони одново да учествуваат во бомбардирањето на позициите на џихадистите.
Откритието за повлекувањето на ОАЕ доаѓа по сознанието за бруталното и варварско убиство на јорданскиот пилот, кого џихадистите жив го запалија во кафез, како и по разговорите меѓу јорданскиот крал Абдула и американскиот претседател Барак Обама во Вашингтон.
Абдула ја прекина посетата на САД веднаш по веста за ликвидацијата на младиот пилот Ал Касасбех и се врати во Јордан.
Во текот на разговорите американската страна била известена дека многумина Јорданци прашуваат која е улога на воздушните напади, но претседателот Обама и кралот Абдула ја реафирмирале решеноста,за уништување на милитантната исламистичка група.
Американските аналитичари предупредуваат на опасноста да се разниша единството во антиџихадистичката коалиција по ликвидацијата на јорданскиот пилот и укажуваат дека САД сега ќе имаат тешка работа да ги задржат сите земји од коалцијата во мисијата.