Шкотскиот Парламент денеска ја избра Никола Старџен за премиер на Шкотска, соопшти ДПА.
На овој начин 44-годишната Старџен стана првата жена која ќе раководи со извршната власт во Шкотска.
Старџен на оваа функција го замени Алекс Салмонд, кој поднесе оставка
од функцијата прв министер и од претседателската функција во Шкотската национална партија, која се залага за независност на овој британски регион.
Салмонд се повлече откако приврзениците на отцепувањето на Шкотска од Велика Британија на референдумот за независност во септември претрпеа пораз.
Старџен го замени Салмонд и лидерското место во партијата.
Таа денеска во Парламентот во Единбург изјави дека ќе биде премиер „на цела Шкотска“.