Меѓународниот углед на Велика Британија ќе биде загрозен доколку Шкотска на референдумот следната година изгласа независност, предупреди денеска Комитетот за надворешни работи на Долниот дом на британскиот Парламент.
Комитетот во извештајот наведува дека отцепувањето на Шкотска ќе го намали влијанието на Британија во ЕУ и го потврди ставот дека Британија е светска сила чија моќ неповратно пропаѓа.
Шкотската Влада овој извештај го нарече „партиски“, истакнувајќи дека Комитетот е составен исклучиво од членови кои се против независноста на Шкотска.
Референдумот за независност на Шкотска е закажан за 18 септември 2014 година, кога на Шкотланѓаните ќе им биде поставено прашањето: „Дали Шкотска треба да биде независна земја?“