Нетанјаху под баражна критика од мандатарот Лапид и градоначалници од југот на Израел

Од:

Израелската армија денеска соопшти дека во текот на 11-те дена од воената операција наречена „Чувари на ѕидот“ убила околу 200 членови на екстремистички организации Хамас и Исламски џихад и уништила околу 100 километри подземни тунели, што тие ги користеле за напади врз Израел.

Меѓутоа, мандатарот за нова израелска Влада, лидерот на партијата на центарот „Јеш Атид“, (Постои иднина), Јаир Лапид, го искритикува премиерот Бенјамин Нетанјаху за спроведената операцијата, наведувајќи декаа таа немала ефект.

„Израелските граѓани и повеќето од пограничните области претрпеа силен (ракетен) оган и не добија ништо“, напиша Лапид на Твитер, додавајќи дека неуспесите на Нетанјаху се чувствуваат низ целата земја.

Израелските медиуми наведуваат дека Лапид посебно ги споменува градовите со мешано население, каде имало насилство меѓу Евреите и Арапите за време на конфликтот меѓу израелската армија и палестинските организации од Газа.

Градоначалниците на градовите од југот на Израел се приклучија во критиките кон Нетанјаху затоа што тој го прифати договорот за прекин на огнот, што стапи на сила утринава во 2 часот.

-Не разбирам зошто имаме прекин на огнот, нема причина за тоа. Премиерот и владата ја имаа нашата поддршка, има резултати, но тоа не е нешто што ја менува рамнотежата на силите, изјави Алон Давиди, градоначалник на Сдерот, град што е често цел на ракетните напади од Газа, оценувајќи дека се чини дека никој нема да го победи Хамас.

„Израел се ограничи на воздушни напади и артилерија, а со тоа никогаш не се постигнува решителна победа“, додаде тој, но, сепак, кажа дека не се залага за војна по секоја цена, туку за враќање во нормалниот живот.

И некои жители на јужен Израел изјавија дека се чувствуваат „како бадијала да минале низ сето тоа“.

Градоначалникот на Ашкелон, Томер Глам, чиј град се тресеше речиси постојано од нападите од Појасот Газа, исто така, изрази разочарување од прекинот на огнот.

-Сакавме елиминација на Хамас, но сега знаеме дека тоа нема да се случи, изјави Глам за јавниот сервис Кан.

Ривалот на Нетанјаху, а негов поранешен соработник, Гидеон Сар, лидер на десничарската партија „Нова надеж“, прекинот на огнот го нарече срамен, велејќи дека „со најдобрата разузнавачка служба и воздушни сили во светот, Нетанјаху успеа од Хамас да добие безусловен прекин на огнот“.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Ликвидиран командант на Хезболах, главниот играч во снабдувањето со оружје

Хезболах лансираше „голем ракетен бараж“

Комеморација на жртвите на фестивалот на кој нападна Хамас

Хезболах: Нема место за Израел во регионот

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Една година по нападот на 7 октомври: илјадници мртви, милиони раселени, Блискиот исток е пред општа војна

Цените на нафтата скокнаа за над 8 отсто минатата недела поради ескалацијата на Блискиот Исток