Британски воени експерти велат дека нема сознанија за тоа дали јорданскиот авион во Сирија се урнал или е соборен од џихадистите на милитантната исламистичка група Исламска држава (ИД), објаснувајќи дека поради тоа се уште не се познати деталите за овој инцидент.
Јорданските воени власти потврдија дека еден нивни борбен авион „се урнал“ во северните делови на Сирија, како и дека пилотот е заробен од џихадистите. Аман, меѓутоа, не соопшти што го предизвикало уривањето.
Претходно, ИД соопшти дека нејзините џихадисти „собориле авион“ на меѓународната коалиција која ги бомбардира позициите на исламистичката група.
Според џихадистите, авионот бил соборен во реонот на сирискиот град Рака, со помош на рачна ракета земја-воздух, која го „гони“ леталото, следејќи ја топлината од неговите издувни гасови.
Ова е првпат, еден авион на коалицијата предводена од САД, да биде изгубен на територијата што ја контролира ИД, откако во септември годинава почнаа воздушните напади врз нивните позиции.
За воените експерти останува нејасно дали јорданскиот авион се урнал поради дефект, поради грешка на пилотот, кој во јорданската авијација е само шест години или пак навистина е соборен од припадниците на ИД.
Џихадистите претходно признаваа дека имаат ограничени капацитети за воздушна одбрана, освен рачните ракети земја-воздух, но ИД тврди дека соборила неколку борбени авиони во Ирак и Сирија.
Џихадистите презедоа неколку воени бази од сириската армија во кои има советско и руско оружје, па никој и не знае какво оружје поседуваат тие. Ако јорданскиот авион навистина е соборен, тогаш сите идни воздушни напади или борбени операции против Исламската држава, одеднаш добиваат нова димензија, забележуваат британските експерти.