Индонезија денеска официјално демантира дека ќе биде одложено извршувањето на смртната казна на над 130 осудени кои чекаат во „редот на смртта’’.
Најголем број од осудените се домашни и странски нарко дилери, а дел масовни убијци. Демантот лично го соопшти министерот координатор за безбедност Лухут Панѓаитан, од како пред една недела индонезиските медиуми објавија вест дека од неговиот кабинет добиле најава за мораториум за извршување на најтешките казни. Причина, наводно, биле економските проблеми во државата и надворешниот притисок.
Министерот Лахут изјави дека и тој и целата влада даваат приоритет на решавањето на актуелните економски проблеми во државата, но тоа не значи прошка за најтешките криминалци.
Индонезија го предизвика светското внимание со извршувањето на 14 смртни казни на крајот на минатата и почетокот на оваа година. Пред стрелачкиот строј беа изведени 11 странски граѓани и тројца Индонежани. Поради одбивањето на молбите за помилување имаше бурни дипломатски реакции и протести,особено во Австралија, а своите амбасадори од Џакарта ги повлекоа Бразил и Холандија.
Мораториум за извршување на смртните казни во Индонезија имаше од 2008 до 2013 година, но и претходната и сегашната власт, соочени со огромниот пораст на уживатели на дрога одлучија да не им простуваат на нарко дилерите. Официјално, во 256 милионската Индонезија има 4,6 милиони корисници на наркотици, а од предозираност месечно умираат и до 500 лица.