Народната партија на премиерот Рахој освои најмногу гласови на изборите во Шпанија

Од:

Владејачката конзервативна Народна партија на премиерот Мариано Рахој, освои најмногу гласови, на вчерашните парламентарни избори во Шпанија, но го загуби досегашното мнозинство во Парламентот.

Според безмалку целосните податоци од изборите, Народната партија освои 28,7 отсто од гласовите на Шпанците и обезбеди 123 пратенички места.

На второ место е Социјалистичката партија, за која гласаа 22 отсто од гласачите. Во новиот состав на Парламентот, социјалистите имаат 90 пратеници.

Новата левичарска партија Подемос, која е против острите мерки за штедење, сега е трета политичка сила во земјата, со освоени 20,6 отсто од гласовите и со 69 свои пратеници.

На четвртата позиција е партијата Сиудаданос (Граѓани) за која гласаа 13,9 отсто од шпанските гласачи, што и овозможи да има во Парламентот 40 пратеници.

Овие две партии со својот изборен успех го разбија неколку деценскиот бипартизам на шпанската политичка сцена, на која од обновата на демократијата, по смрта на Франциско Франко пред 40 години, конзервативците и социјалистите наизменично се менуваа на власт.

На Народната партија и беа потребни 176 пратеници за да обезбеди мнозинство, што ќе и гарантираше, одново, сама да формира влада. Досега партијата на Рахој имаше во Парламентит 186 пратеници.

За создавањето на новата шпанска влада, сега треба да се прави коалиција, а како „кингсмејкери“ се појавуваат двете нови партии Подемос и Сиудаданос, кои заедно имаат 109 пратеници.

Во првото обраќање пред своите симпатизери, Рахој рече дека ќе се обиде да формира стабилна влада.

– Народната партија е се уште партија број еден во Шпанија, порача Рахој.

Набљудувачите во Мадрид сметаат дека формирањето на новата влада нема да оди лесно и брзо.

Народната партија, во коалиција со либералите од Граѓаните, кои се сметаат за нивни „природен сојузник“ имаат само 163 пратенички места, што е недоволно за создавање влада, затоа што им недостигаат уште најмалку 13 пратеници.

За разлика од тешкотиите со кои се предвидува да се соочи Маријано Рахој, социјалистите, во коалиција со Подемос и уште со Сиудаданос, би можеле полесно да направат влада, која зад себе би имала 199 пратеници.

Неуспехот на Рахој да го сочува уверливото мнозинство што го имаше досега се објаснува со непопуларните мерки за штедење, со високата невработеност од 21 отсто, која е највисока во ЕУ, по онаа во Грција, иако е намалена во однос на 2013 година, кога изнесуваше 27 отсто, како и со неколкуте корупциски скандали.

Би можело да ве интересира

Се повеќе антитуристички протести во Шпанија

Шпанија до јули ќе ја признае Палестина

Шпанската полиција упадна во Шпанскиот фудбалски сојуз, уапси најмалку шест лица

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Петгодишно момче, неговиот татко и баба загинаа во пожар во Шпанија

ВИДЕО: Mоментот кога пожарникарите спасуваат двајца луѓе од запалената зграда во Валенсија

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Четоврица мртви и 19 исчезнати во страотниот пожар во Валенсија

Катерина Ѓуровски