Најмалку 5.600 доброволци од Исламска држава (ИД) се вратиле во своите земји по поразот во Ирак и Сирија, се наведува во најновиот извештај на Центарот Соуфан.
Овој американски аналитички центар наведува дека во последните две години милитанти се вратиле во 33 држави.
Повратниците, од кои повеќето се во затвор или им се изгубила трагата, во следните години ќе бидат сериозна безбедносна закана, се наведува во извештајот.
ИД го изгуби поголемиот дел од „калифатот“ прогласен во јуни 2014 година, кој привлече илјадници џихадисти од целиот свет. Минатата недела, Демократските сили на Сирија, (вооружена формација на курдски и арапски борци, поддржани од САД), ја презеде во целост контролата на Рака, кој де факто беше главен град на ИД.
Собраните податоци по падот на административниот центар на ИД, како што беше Рака, помогнаа да се утврди идентитетот на 19.000 од вкупно над 40.000 припадници на ИД од 110 држави. Сепак, податоците не покажуваат што се случило со нив по паѓањето на Рака.
Повикувајќи се на официјални податоци од 33 држави, Соуфан Центарот наведува дека се претпоставува дека најмалку 5.600 странски припадници на ИД се вратиле во своите татковини. Тие бројки вклучуваат 400 од 3.417 припадници од Русија, 760 од вкупно 3.244 од Саудиска Арабија, 800 од вкупно 2.926 од Тунис и 271 од 1.910 од Франција.
Во извештајот уште се наведува дека жените и децата на повратниците се посебен проблем, се додека државите не изнајдат најдобар начин за нивна реинтеграција.