Најмалку 26 загинати во терористички напади на Синајскиот Полуостров

Од:

Најмалку 26 лица загинаа во серија терористички напади на исламистичките милитанти во северниот реон на Синајскиот Полуостров во Египет.

При експлозија на автомобил-бомба и минофрлачки напад врз воена касарна во административниот центар Ел Ариш беа убиени десетина војнци.

Друг напад беше извршен во градот Шеик Зуваид, а во нападот во Рафах, погранично место со Појасот Газа, според воени извори, бил убиен еден мајор на египетската армија.

Одговорност за серијата напади презеде исламистичката група Беит ал Магдис, која тврди дека е поврзана со џихадистите од групата Исламска држава (ИД).

Нападите на Синајскиот Полуостров, каде подолго време дејствуваат разни милитантни исламистички групи, доаѓаат по протестите што неделева се одржаа во Каиро и во неколку други египетски градови во знак на одбележувањето на четиригодишнината од бунтот во 2011 година со кој од власт беше соборен тогашниот претседател Хосни Мубарак.

Локалните власти во Ел Ариш соопштија дека една автомобил-бомба е откриена пред воената база во градот, како и дека минофрлачки напади имало и врз еден воен хотел и полицискиот клуб, како и врз неколку контролни пунктови на египетската војска.

Според здравствените власти, во сите овие напади имало и 30 повредени лица.

Каирските медиуми тврдат дека џихадистите од ИД ги повикале исламистите од Беит ал Магдис на вооружен бунт против египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси.

Како министер за одбрана и началник на генералштабот на армијата, Ал Сиси го смени од власта исламистичкиот претседател Мохамед Морси. Како претседател на Египет, Ал Сиси најави војна против теророт и го прогласи Муслиманското Братство за терористичка организација.

Би можело да ве интересира

Откриен вистинскиот лик на еден од најпознатите фараони во историјата

Предраг Петровиќ

43 повредени во автобуска несреќа во Египет

Железничка несреќа во Египет, има загинати и повредени

Уапсен сопственикот на Телеграм

Француски суд осуди 12-годишно момче: Виновен е бидејќи го бранел тероризмот

(ВИДЕО) Спречен е терористички акт во Австрија, уапсен млад маж од Македонија

Горан Наумовски