Туниски војници денеска убија најмалку 21 исламист, кои претходно извршиле напад врз воена база во близина на границата со Либија, соопшти туниското Министерство за одбрана.
Според најновите податоци на болничките извори, во судирите загинале и најмалку четворица цивили, а уште четири други лица се повредени.
Инцидентот се случил откако исламистите извршиле напад на пункт на Националната гарда и воена база во градот Бен Гердан, по што дошло до престрелка.
Претставник на безбедносните сили информира дека при судирите се заробени шестмина исламисти.
Денешниот напад доаѓа само една недела откако туниските безбедносни сили убија петмина екстремисти, кои влегле во земјата преку Либија.