Најмалку 106 луѓе загинаа во тридневните борби меѓу силите лојални на Исламска држава и локалните племиња во либискиот град Сирт, јави ДПА.
Поголемиот број загинати се членови на племето Ферџан, кое одби да се приклучи на ИД.
Припадници на ИД денеска ја запалија импровизираната болница во градот Сирт. Нема податоци за загинати луѓе.
Судирите почнаа откако во Сирт беше откриено телото на влијателниот муслимански свештеник Халед бин Реџев, за кој се претпоставува дека е убиен од борците на ИД, бидејќи одбил да им се заколне на верност.
Премиерот на меѓународно признаената либиска Влада, Абдулах ал Тани денеска ја обвини ИД за геноцид во Сирт, родниот град на Моамер Гадафи. Ал Тани апелира до Обединетите нации да го укинат ембаргото за оружје, што беше воведено по бунтот против Гадафиво 2011 година.