Можен е свет без јаглен, нафта и гас

Од:

Дојче веле – Берлин

До 2050 година снабдувањето со енергија во светот може целосно да биде префрлено на обновливи извори, се тврди во сценариото под името Енергетска (р)еволуција.

Сценариото „Енергетска (р)еволуција‟ го разви организацијата „Гринпис‟ и Германскиот центар за воздушни и вселенски летови (ДЛР), а се темели на низа одделни студии. Тоа за сега е најсеопфатно глобално сценарио за одржливо снабдување со енергија кое за климата би било подносливо, објавено пред конференцијата за климата во Париз, што пружа факти за можни решенија.

Откажувањето на фосилните извори на енергија се смета за најважен чекор за намалување на затоплувањето на земјината атмосфера. Моментно три четвртини од гасовите кои го предизвикуваат ефектот на стаклена градина се солободуваат со согорување на јаглен, нафта и гас, а една четвртина поради сечите на шумите и поради земјоделството.

– Обновливите извори на енергија во меѓу време созреаја и можат да им конкурираат на електраните на јаглен и ризичните нуклеарни електрани, вели Свен Теске од „Гринпис‟, воедно и главен автор на студијата. – Целосниот премин кон обновливи извори на енергија е можен на сите подрачја. Сега мораме брзо да појдеме по патот на чиста, безбедна и економски исплатлива енергетска иднина, смета тој

Обновливи извори за 9,5 милијарди луѓе

Сценариото на 364 страници опишува поволен пат за чиста енергија со помалку јаглерод диоксид на подрачјата за снабдување со електрична енергија, греењето и сообраќајот.

Меѓутоа, студијата го исклучува меѓународниот воздушен и морски сообраќај како и емисиите во индустријата, на пример при производство на цемент. Тој удел во глобалната емисија на јаглерод диоксид изнесува над пет отсто.

– Вклучувањето на тие подрачја премногу би ја проширило студијата, вели Томас Прегер од ДЛР. Освен тоа, на тие подрачја „потешко се вреднуваат‟ мерките за далекусежно намалување на емисиите на јаглерод диоксид.

Но, затоа авторите внимателно истражувале различни технологии и различните развои во сите делови во светот. Тие покажуваат дека до 2050 година може да биде обезбедено одржливо снабдување со енергија за околу 9,5 милијарди луѓе.

Ниски трошоци и повеќе работни места

Големиот подем во производството на енергија со помалку јаглерод диоксид го донесува силното користење на енергијата на ветерот и Сонцето. Само лани во таа енергија во светот се инвестирани 250 милијарди американски долари, односно 234 милијарди евра.

Падот на цената на тие постројки го забрзува јакнењето на тој сектор, а посебно кај сончевата енергија не се гледа крај на намалувањето на цените.

Според наводите на авторите на студијата, поради тоа може да се очекува побрзо ширење на таквите постројки отколку во моментов. За целосен пресврт во светот, според тоа сценарио, би биле потребни инвестиции од околу 1.000 милијарди долари годишно до 2050 година. Истовремено, би се заштедиле трошоците за јаглен, нафта и гас од околу 1.070 милијарди американски долари годишно.

Според студијата, тоа позитивно би се одразило на пазарот на трудот. До 2030 година така во светот можат да се отворат 19 милиони нови работни места, додека бројот на вработените во енергетскиот сектор до 2030 година без забрзан премин на обновливите извори би бил малку намален на 27 милиони во целиот свет, забрзаниот премин на стопроцентно користење на обновливи извори би довело до зголемување на бројот на вработените во тој сектор на 46 милиони во 2030 година.

Сообраќај на струја наместо на бензин

Голем предизвик во намалувањето на емисиите на јаглерод диоксид е сообраќајот. Околу 14 отсто од глобалната емисија на штетните гасови настануваат со согорување на нафтените преработки во моторите.

– Ни треба транспортна револуција, не само електро-мобили и повеќе електромобилност, туку мораме да развиеме и нови транспортни технологии и синтетички горива од обновливи извори, вели Теске.

Основното начело гласи: струја наместо нафта. Со помош на струјата добиена од енергијата на ветерот, сонцето и водата, можат не само да се возат автомобили и возови на електрична енергија, туку и да се произведуваат синтетички горива со т.н. технологија power-to-gas. Таа технологија веќе функционира. Синтетички произведените горива го заменуваа гасот, дизелот или керозинот и нафтените производи повеќе не би биле потребни.

За пресврт во сообраќајот потребни се и политички мерки, сметаат авторите. Владите треба да ги поттикнат луѓето да користат помали автомобили. Освен тоа, транспортот треба да стане поефикасен. Важен чекор е и идната мрежа на јавниот сообраќај.

Мерки кои се исплатливи

Според тоа сценарио „Гринпис‟ покажува дека е можно одржливото сценарио за снабдување со енергија за 9,5 милијарди луѓе до 2050 година, бидејќи „големи економски и технички пречки нема‟, заклучуваат авторите на студијата.

Во врска со Конференцијата за климата во Париз, авторите на студијата препорачуваат брзо и решително делување на политиката и на стопанствата. Сега би било важно да се стимулира индустријата, потрошувачите и пазарите на поголемо користење на обновливите извори на енергија и поголема енергетска ефикасност.

Важен чекор е и брзото укинување на субвенциите за јагленот, нафтата и гасот. Според наводите на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА), тој сектор лани од државните буџети бил субвенциониран со речиси 500 милијарди американски долари.

Шефот на „Гринпис‟ Куми Наидо препорачува тоа сценарио да го прочитаат посебно скептиците кои сметаат дека брз енергетски пресврт не е можен. – Тука може да се види дека тоа е можно, дека тоа мора да се направи и дека на крај сите ќе профитираат од тоа, вели тој.

Би можело да ве интересира

Цените на нафтата пораснаа, доларот нагло падна

Доларот на највисоко ниво во последните пет месеци, раст на цената на нафтата

Катерина Ѓуровски

Цените на нафтата на највисоко ниво во последните пет месеци

Скок на цената на нафтата, се намали вредноста на златото

Катерина Ѓуровски

Паднаа цените на нафтата

Путин: Украина се уште добива пари од Русија за транзит на руски гас во Европа