Монти и Берсани блиску до договор околу изборот на претседател на Италија

Од:

Досегашниот италијански премиер Марио Монти и лидерот на цетролевичарската коалиција Пјер Луиџи Берсани се блиску до постигнувањето согласност околу изборот на нов претседател на Италија.

Постигнувањето на договор на Монти и Берсани ќе има витално значење за завршување на сегашната политичка блокада во која се наоѓа земјата, по парламентарните избори од февруари годинава, по кои ниту една од партиите не успеа да освои доволно мнозинство во Долниот дом и во Сенатот, за да формира нова Влада.

Седум недели по изборите, Монти и понатаму е в.д. премиер, со што се оневозможува спроведување на виталните реформи во земјата, по тешката финансиска криза во која се најде Италија пред две години.

Италијанските партии кои се целосно разделени меѓусебе и неподготвени за компромис околу создавањето на нова Влада, во четврток во Парламентот треба да почнат со гласањето за избор на наследник на актуелниот претседател Џорџо Наполитано, чиј мандат истекува на 15 мај.

Монти, чија партија освои само десет отсто од гласовите и Берсани, чија коалиција има најмногу гласови на февруарските избори, но недоволно за да создаде Влада, се сретнаа и разговараа синоќа околу изборот на нов претседател на земјата. По средбата Монти изјави дека тој и Берсани се согласиле околу изборот на кандидат кој би можел да го обезбеди потребното национално единство.

Според италијанскиот Устав, Наполитано нема повеќе право да го распушти Парламентот, затоа што е на еден месец до престанувањето на неговиот мандат. Тоа значи дека оној кој ќе го наследи ќе треба да обезбеди создавање на Влада, или организирање на нови парламентарни избори.

Претседателот иако има само церемонијална улога и се избира во Парламентот, може многу да помогне во време на политички кризи. Наполитано во 2011 година, по избувнувањето на финансиската криза, со своето менаџирање успеа да обезбеди создавање на технократска Влада, со Марио Монти како премиер, која успеа да ги преброди најтешките делови од стабилизацијата на италијанската економија.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Карабињерите запленија 2.700 килограми кокаин, скриен во керамички банани

Пет работници загинаа во Палермо

(ВИДЕО) Триесетина повредени во несреќа на пристаниште во Италија

Горан Наумовски

Бројот на жртвите од експлозијата во хидроцентралата крај Болоња се зголеми на седум

Девојче од Србија е дрогирано и силувано во Рим

Еден од македонските туристи повредени во сообраќајката во Италија ќе биде опериран, другите се пуштени дома

Александар Тодески