Европското јавно обвинителство објави дека ја ослободило поранешната висока функционерка на ЕУ, Федерика Могерини, и уште двајца други функционери, откако биле испрашувани од федералната полиција на Западна Фландрија.
Покрај актуелниот ректор на Колеџот на Европа, во вторник беа приведени и генералниот директор на Генералниот директорат на Европската комисија за Блискиот Исток, Северна Африка и Персискиот Залив, Стефано Санино, и ко-директорот на Колеџот на Европа, Чезаре Зегрети.
Сите тие се поврзани со наводен скандал околу финансирањето на млади европски дипломати.
Обвиненијата вклучуваат измама со јавни набавки, корупција, судир на интереси и кршење на професионална тајна, но обвинителството процени дека „нема ризик од бегство“ во нивниот случај, објави Анса.
Европското јавно обвинителство соопшти дека Могерини и Санино се приведени под сомнение дека тендерската постапка во 2021 и 2022 година, поврзана со основањето на дипломатска академија на Колеџот на Европа, била „нефер“.
Могерини е ректор на Колеџот на Европа од 2020 година, а во 2022 година стана директорка на Дипломатската академија на ЕУ, проектот во центарот на истрагата.
Санино претходно беше генерален секретар на ЕЕАС, а моментално има висока позиција во Комисијата.
Претставниците на синдикатите на ЕУ предупредија дека доколку се потврдат обвинувањата, штетата врз угледот на европските институции би можела да биде „катастрофална“.
