Маж од Обединетите Арапски Емирати, кој беше заразен со новиот вирус од семејството на тешкиот акутен респираторен синдром (САРС), почина во Германија, соопштија од Градската болница во Минхен.
Се работи за седумнаесетиот случај на зараза со новиот коронавирус во светот и 10 смртен случај до сега, пренесе агенцијата „Франс прес“.
Седумдесет и тригодишниот пациент од Абу Даби страдал од недефинирана општа слабост, поради што неговите можности за преживување биле многу мали.
Вирусот за прв пат е идентификуван минатата година на Блискиот Исток, а поголемиот број заразени лица патувале во Катар, Саудиска Арабија, Јордан или Пакистан.
Светската здравствена организација побара помош од државите да ја известат за сите нови случаи на зараза со новиот коронавирус, но не препорача никакви ограничувања за патувањата или трговијата.