Меѓународната унија на нотарите се противи на предлог-измените во Законот за нотаријат со кои се воведува обврска за ангажирање адвокат при склучување одредени договори пред нотар.
Со новите измени се предлага при сите составувања нотарски акти во вредност поголема од 20.000 евра и приватни исправи во вредност поголема од 10.000 евра, задолжително мора да има адвокат.
Претседателот на комисијата за меѓународна нотарска соработка на Меѓународната унија на нотарите Мишел Мерлоти на денешната прес-конференција рече дека овој Предлог-закон би можел да претставува значителна закана на правилното функционирање на латинскиот нотаријат во Македонија.
– Со новините во Законот на нотаријат во РМ сериозно ќе се стави во прашање членството на Македонија во Меѓународната нотарска унија, рече Мерлоти.
Воведувањето на новиот закон за нотаријат, според него, е погрешна идеја и македонскиот нотаријат ќе биде единствен во светот кој што ќе предвидува задолжително присуство на адвокат во постапки пред нотар.
Претседателка на Нотарска комора на РМ Зорица Пулејкова рече дека измените на законот за нотаријат целосно ќе го нарушат концептот на досегашната работа.
– Ние сметаме дека на овој начин ќе дојде до нарушување на латинскиот нотаријат и би се вовела една процедура која не постои во ниту една земја, ниту во регионот, ниту пошироко, рече Пулејкова.
Појасни дека Предлог-законот за нотаријат се наоѓа во процедура пред Владата на Република Македонија и доколку законот биде донесен ќе биде применуван. Иако, како што додаде, ќе има многу сериозни проблеми во примената на таквите одредби.
Делегацијата на Меѓународната нотарска унија за време на дводневната вонредна посета на Македонија вчера имаше средби со претставници на Сојузот на стопански комори , на Врховниот суд на РМ, со вицепремиерот за европски прашања, а денеска ќе има средба со претставници од Законодавно правната комисија при Собранието на РМ и со заменик министерката за правда Билјана Бришковска Бошковски.
За време на престојот во Македонија делегацијата извршила инспекција во две нотарски канцеларии во Тетово и Скопје, при што заклучиле дека нотарите во своето секојдневно работење своите задолженија ги извршуваат највисоко професионално ниво.
Меѓународната нотарска унија е организација во која членуваат 86 земји од светот, од кои 22 земји членки на Европската унија и има за цел координирање и развивање на функцијата и работата на нотарите во целиот свет врз принципите на латинскиот нотаријат.
Нотарската комора на Македонија е полноправна членка на Меѓународната нотарска унија од 30 септември 2001 година.