Законот за бесплатна правна помош да се усогласи со новиот Закон за нотаријат

Од:

Потребна е итна промена на Законот за бесплатна правна помош со цел негово усогласување со Законот за нотаријат за да се избегне изигрување на ранливите категории граѓани на кои им е потребен адвокат, реагираат од мрежата „Пристап до правда во Македонија“.

Новиот Закон за нотаријат и официјално стапи во сила на 12 април 2016 година. Овој закон содржи одредби кои се директно поврзани со Законот за бесплатна правна помош. Според новиот Закон, при распределувањето на оставината, односно при наследувањето, задолжително е присуство на адвокат во својство на полномошник за секој од учесниците – странките. Ова значи дека при оставинската постапка странките ќе имаат и нотарски и адвокатски трошоци. Загриженоста кај организациите од мрежата „Пристап до правда во Македонија“ се однесува на начинот на кој Министерството за правда ќе ги одвои нотарските од адвокатските трошоци и кои трошоци од постапката ќе им ги признае на сиромашните граѓани кои ги исполнуваат условите за добивање бесплатна правна помош?! Во досегашната пракса на мрежата „Пристап до правда во Македонија“ регистрирани се случаи во кои на сиромашни и неуки странки им се потребни средства за да платат адвокатска награда за составување предлог за поведување на оставинска постапка, а врз основа на ваквиот предлог оставината ќе биде распределена од страна на нотар. Министерството за правда ги третира целокупните трошоци (и нотарски и адвокатски) при оставинските постапки како нотарски трошоци со што на странките не им се признаваат адвокатските трошоци во имотно-правна постапка гарантирани со Законот за бесплатна правна помош, соопштуваат од проектот “Пристап до правда во Македонија“.

Бидејќи распределувањето на наследството е од имотно-правна област за која се гарантира бесплатна правна помош, Министерството за правда треба да ја усогласи својата пракса со новиот Закон за нотаријат и да им овозможи на граѓаните – баратели на бесплатна правна помош, можност да бидат застапувани од адвокат во оставинска постапка пред нотар. Дополнително, од она што имавме можност да го заклучиме од новиот Закон за нотаријат, дел од Нотарската тарифа ќе биде адвокатска награда и покрај тоа што не е предвидена во Адвокатскиот тарифник по кој Министерството за правда ги исплаќа трошоците на адвокатите ангажирани во случаи на бесплатна правна помош.

Новиот Закон за нотаријат, инаку, предвидува присуство на онолку адвокати колку што ќе има учесници во оставинската постапка, но граѓаните нема да имаат дополнителен трошок, односно досегашната нотарска награда ќе се дели помеѓу нотарот и адвокатите. Поточно, за оставинска постапка за имот во вредност од 10.000 до 50.000 денари нотарската награда во износ од 800 денари ќе се дели 50% на нотарот и 50% за адвокатите без разлика колку адвокати биле вклучени во постапката. Законот настојува да им обезбеди на граѓаните поголема правна сигурност, бидејќи ќе можат да се посоветуваат со адвокат во текот на оставинската постапка, но сè уште останува нејасно дали за ова советување адвокатите ќе им наплатат на граѓаните согласно својата адвокатска тарифа или согласно новиот Закон за нотаријат, велат од “Пристап до правда во Македонија“.
Проектот „Пристап до правда во Македонија“ e финансиран од Европската унија, а се спроведува од страна на Фондацијата Отворено општество – Македонија во партнерство со Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, Националниот ромски центар – Куманово, ЕХО – Штип, Младинскиот културен центар – Битола и Избор – Струмица.

Би можело да ве интересира

Усвоена Развојната секторска стратегија за правосудството 2024 – 2028 година

А1он

Оценската мисија за Судскиот совет неделава завршува со мониторингот

А1он

Ковачевски за кривичниот законик: Казните се од комунистичко време, ги направил Дарт Вејдер, намалувањето е во согласност со ЕУ

Орце Костов

Лидерите на Северна Македонија мора да го ограничат политичкото мешање во судството, вели Стејт департментот

Предраг Петровиќ

ВМРО-ДПМНЕ: Лога призна дека го упропастија судството, сега е време цела влада да си даде оставка

Предраг Петровиќ

Методија Ристоски реизбран за претседател на Нотарската комора

Ана Ололовска